Европската унија денеска повика на побрзо формирање влада во Приштина и продолжување на дијалогот со Белград.
– Ќе биде потребно уште некое време за финални резултати, но владата мора да се формира веднаш штом ќе заврши постапката. Пред Косово е важна работа. Новата влада мора да се заложи за напредок во реформите, економскиот и социјалниот развој, владеењето на правото и продолжувањето на дијалогот посредуван од ЕУ со Белград – рече портпаролката на ЕУ, Маја Коцијанчиќ.
Таа оцени дека тоа ќе донесе напредок и кај луѓето кои живеат на Косово, но и во целиот регион.
– ЕУ ќе продолжи да работи со Косово и ќе промовира помирување, регионална соработка и добрососедски односи на Западен Балкан – рече Коцијанчиќ.
Вчерашните избори во Косово таа ги окарактеризира како „добар ден за косовската демократија“ и истакна дека излегле повеќе гласачи отколку на изборите во 2017 година.
Коцијанчиќ најави дека набљудувачката мисија на ЕУ утре ќе објави оценка за изборниот процес во Косово, по што ќе следи финален извештај со препораки, чие спроведување ќе биде набљудувано од страна на ЕУ.