Наташа Котлар, професорката од Институтот за национална историја која вчера беше гостин во отвореното студио на МРТ за Илинден, денеска преку фејсбук испрати порака до владејачката партија, откако СДСМ ја осуди програмата од преносот и побара оставки.
Котлар на фејсбук напиша:
По повод заедничкото учество со професорот Михајло Миновски во пригодната емисија за ИЛИНДЕН на МТВ, ќе одговорам со парафразирање на една позната мисла: „Пукајте, ние и сега држиме историски час! Честит Илинден, Македонија вечна!“.
Претходно, СДСМ преку соопштение побара оставки од уредниците диркеторите и Програмскиот совет на МТВ.
,,Националниот јавен сервис МТВ, денеска, на големиот државен празник 2 август – Денот на Републиката, емитуваше програма преку која упатуваше пораки спротивни на националните стратешки интереси на Република Македонија.
Со денешната програма од чествувањата на Илинден, МТВ ги оспори и ги доведе во прашање стратешките интереси на Република Македонија, а членството во ЕУ и НАТО го сведе на прашање за полемика и го означи како определба на една политичка структура, наместо како генерациска определба на сите граѓани на Република Македонија.
МТВ денеска наместо да се издигне на нивото на Денот на Републиката, одлучи да дејствува пропагандно и да ги спори државните интереси“ пишуваше во соопштението на СДСМ.