Котески: Сите притворени лица во „Шутка“ добиваат ист третман

987

Реновирани ќелии и клозети, подобрена исхрана, зголемен избор на рекреативни активности, како и похуман однос и почитување на човековите права на затворениците е моменталната состојба што репортерската екипа на МИА ја затекна во затворот „Скопје“, познат како „Шутка“.

Казна тука издржуваат oсудени до три години затвор, како и рецидиви осудени со правосилна пресуда до шест месеци. Во „Шутка“ се наоѓа најголемото и најобезбедено притворско одделение, во кое се извршува мерката притвор изречена кон машки и женски лица од целата територија на земјава, на кои им се заканува казна над десет години. Во моментов казна затвор издржуваат 150 осудени лица, а капацитетот е до 170. Во притвореничкиот дел, што е со капацитет од 330 места, во моментов има околу 250 лица.

МИА разговараше со директорот на затворот Ѓоко Котески кој со неговиот тим има големи планови за идни активности, реновирање во одделенијата каде што со години ништо не е сменето, но и активности од културно-забавниот живот во затворот.

Забележавме дека внатре многу се работи. Што значи тоа, дека затворот е навистина урнисан целосно и мора да се менува или спроведување на вашата нова програма. На што се должи тоа?

– Објектот е поделен на два дела, нов и стар дел. Новиот е пуштен во употреба од 2009 година, а стариот дел или целиот затворски објект е од 1968 година. Тоа се старите две крила од притворскиот дел и имаме две крила во притворот што, како што кажав, во 2009 година беа пуштени во употреба. Со жалење можам да кажам дека објектот што е пуштен во 2009 година е во полоша состојба отколку оној стариот дел од затворот. Имаме многу работи што за краток временски рок се нафативме да ги реновираме, да ги работиме, малку да ги подобриме условите во притворскиот дел. Во моментов реновираме три бањи – тоалети во полуотворениот и во отворениот дел. Следната 2019 година ни е планска година за инвестиции, инвестираме во објекти што се додадени на затворот, инвестираме во нова ограда, инвестираме во некои делови на подобрување на капацитетите на осуденичката нега.

Затворите долго време беа затворени како за вас медиумите така и за јавноста. Ние како еден нов тим директори, на чело со директорот на Управата за извршување санкции, г. Јовица Стојановиќ, се обидуваме да се отвориме, да видат луѓето дека ова е нешто што е во процесот, во системот, дека е добро да се отвориме и многу луѓе, компании, но и институции се нудат за помош. Не можеме за краток период многу работи да поправиме, ако во последните 15 години немало грижа во однос на нив. Така е во градежниот дел, така е во делот на човечкиот фактор, несоодветни кадри на несоодветни позиции, многу работи влијаат за една цела слика.

Имате „ексклузивни гости“. Ќе добијат ли „ексклузивен третман“?

– Не. Сите притворени лица добиваат соодветен, ист третман, како во новиот и во стариот дел условите се тие што се.

Имаат ли право да внесуваат храна однадвор, што сè имаат право – ако сака да си купи, ако сака да си донесе од дома?

– Согласно куќниот ред, ако зборуваме за притворените лица тие имаат право да се хранат со храна од надвор или од ресторан, но таа мора да биде донесена од страна на лица на нивното потесно семејство или лица кои имаат дозвола од суд. Секако храната мора да биде херметички спакувана со потекло, со декларација да се знае од кој ресторан е купена и тн. Во нашиот затвор има и кантина. На притоврените лица нивните најблиски или нивните бранители можат да им уплатат средства на сметка и преку нашата кантина да добијат дел од производите. Кантината е збогатена со производи, ги има сите основни. Морам да напоменам дека во затворот единствен начин да се добие течност – сокови и напитоци, е само преку кантината на затворот „Скопје“.

Во разговор со затворениците слушнавме дека се задоволни од условите, од третманот што го имаат. На што се должи тоа, што сменивте од тоа што претходните години не ги имале тие услови? Во што е тоа подобрување?

– Многу години ништо не е инвестирано. Кога ќе кажам ништо нескромно е да се каже дека и најмали основни работи не се коригирани. Што подобривме? Комплетно ја подобривме исхраната, добивме нови производи, го збогативме асортиманот на производи кога се дели исхраната. Производите се од млечно потекло, животинско, внесовме риба во исхраната, го збогативме нивниот простор за поминување на слободното време, ТВ-салата е комплетно реновирана – имаме набавено нов телевизор, тоа беше токму за време на Светското првенство во фудбал, потоа добивме донација од општествено одговорни компании: два нови бојлери, ставен е во функција еден нов тоалет, добивме донација за три нови бањи и тоалети, ги искречивме комплетно полуотвореното и отвореното одделение, сите соби… Значи, многу е збогатен асортиманот во кантината, многу, многу нови производи што беа потребни, а претходно не беа достапни.

Се пофалија дека не биле физички малтретирани како порано. Го сменивте ли пристапот кон недисциплинираните?

– Употребата на физичка сила е строго предвидена во Законот и во куќните редови како за осудени така и за притворените лица. Тоа е нешто што е последната инстанца на нешто што треба да се употреби во одредени случаи. Секако дека тука е добриот тим за ресоцијализација, многуте активности што се преземаат, секако Секторот за обезбедување е дел од процесот за ресоцијализација, многу разговори, многу работа во групи и индивидуални третмани. Почнавме неколку проекти заедно со Центарот за ресоцијализација, нешто што одамна го немало во затворот „Скопје“. Можам слободно да кажам дека оваа година имавме летно кино, имавме концерт, неколку посети на театарски претстави, неколку посети на кино проекции, ја посетивме Зоолошката градина. Мислам дека во преговори е уште еден концерт до крајот на годината и 2018 година да ја завршиме како еден убав проект. Барем од кога сум тука, значи нецели 10 месеци, употребата на физичка сила е сведена на минимум. Дури и нема такво нешто.

За ова време колку што сте директор или за оваа една година, дали имате бројка на повратници?

– Рецивидизмот е нешто што е честа појава во Македонија и за тоа можеби ќе треба да одговорат некои други луѓе зошто продолжува да има рецивиди, но точна бројка како податок немаме за рецидиви во затвор „Скопје“. Може треба тоа Управата за извршување санкции или Министерството за правда да има некоја појасна слика во тој правец.

Пред неколку месеци затворското обезбедување се пожали на лошите услови за работа, како се одразува тоа во затворот и дали има некое подобрување?

– Затворската полиција е составен дел од нашите институции и е една од најважните работи и целиот тој сектор за обезбедување. Проблемите се наталожени со години. Тоа не се проблеми што се во последната една или две години. Тоа се проблеми можеби во последните 10 години. Жалам, но и се радувам дека сум тука во решавање на тој цел проблем. Проблемот е во малиот број вработени. Во последните три години нема новопримени кадри, во последните три години не е набавена униформа за затворската полиција, немало обуки. За краток период успеавме да реализираме обуки за разбивање на маса во затворски услови, успеавме да реализираме тоа што било неопходно и потребно, редовна посета на стрелишта, успеавме да ги реализираме заедно со директорот на Управата за санкции и со министерката за правда и до крајот на годината ќе има над 150 нови вработувања, во 2019 година ќе има нови 600 униформи за затворската полиција, за сите, и во буџетот за 2019 година договорено е да има покачување на платите од пет до 10 проценти.

Каква е состојбата со луѓето што работат на ресоцијализација на затворениците, колкав е соодносот на воспитувач со затвореник?

– Во процесот на ресоцијализација вклучени се воспитувачи и инструктори. Инструкторот за столарство е пензиониран, не е примен нов. Тука имаме комплетни две работилници кои ги активираме сега преку проект на УНДП заедно со МТСП, МОН. Имаме две работилници, имаме столарска и браварска работилница, имаат обуки осудените лица. Имаме потреба од правник за правна положба на осудени лица, се надевам дека до крајот на годината бидејќи имаме добиено согласност од Министерството за финансии ќе имаме вработено лице кое ќе ја дава таа правна помош за осудените лица. Потребен ни е психолог, педагози имаме, потребни ни се социјални работници, дел од нив ги имаме обезбедено и за оваа година ќе имаме освежување на кадри.

За хигиената се грижат исклучиво самите?

– Да, за хигиената во сите објекти се грижат осудените лица, кои се работно ангажирани во секторот хигиена. Осудените лица се работно ангажирани бидејќи работата е еден процес на ресоцијализација и е најважен. Имаме браварска и столарска работнилница што ќе ги активираме сега, имаме автомеханичарска работилница со возен парк, имаме поледелство, имаме земјоделие, значи и тука се лицата работно ангажирани.

Кои се критериумите, забележавме дека во некои соби има телевизор, во некои нема ништо. Како се доаѓа до таков, да речам, „ексклузивитет“?

– Не се доаѓа, туку треба да се заслужи. Тоа е погодност или поволост. Тоа е зависно од третманската група на осудените лица. Осудените лица се по поминување од три до 15 дена во приемно одделение каде што се работи со нив од страна на психолози, социјални работници, воспитувачи, им се одредува третманска група во зависност од делото, висината на казната, се врши анализа или одредени други фактори треба да влијаат за тоа лице да се вклучи во третманска група „В“ или затворено или во полуотворено, отворено одделение. Значи, постојат повеќе фактори, повеќе влијанија, нема еден фиксен критериум. Лица кои се во полуотворен третман по одредено време, доколку има подобрување на поведението, доколку се работно ангажирани и го заслужат, и во зависност од истекот на неговата казна, можат да бидат прогресирани во отворен тип на третман во кои ги добиваат поволностите што ги кажавте вие – соба со телевизол, LCD телевизор, со фрижидер, решо, значи меѓу најдобрите услови што постојат во затвор.

Затоа што во некои, од она што успеав да дознаам во разговорите со затворениците, гледам дека е проблем да се има и мобилен, некаде гледам дека не е проблем да се има и телевизор, токму заради тоа да ја расчистиме таа дилема – што смее, што не смее.

– Во сите затвори е забранет мобилен телефон, и во притворскиот и во осуденичкиот дел. Мобилен телефон е забранет. Но, затоа ние имаме говорници – две во полуотворено и отворено и една во затворениот дел кои се достапни. Во затворениот дел се под надзор, а во полуотворениот и отворениот дел лицата повеќе од 12 часа им се достапни говорниците, функционални се, можат да разговараат без надзор со своите најблиски. Библиотека имаме.

Во споредба со други затвори воопшто и во Македонија и надвор, како оценувате – каде се наоѓа овој затвор споредбено?

– Во Македонија како капацитет ние сме најголем истражен затвор за сите дела за кои е предвидена мерка казна над пет години, а мерката притвор се издржува во оваа установа. Во осуденичката средина нашиот затвор е меѓу поголемите, бидејќи најголем затвор во Македонија е „Идризово“. Тој е КП дом, дом е исто така и затворот во Штип, а сите други установи се од полуотворен тип.

Борис Куноски, Драган Антоновски

Фото: Ивана Батев, МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...