Котевски: Јанакиески е вратен во истражниот затвор, имал нагмечувања, но не и скршеници

818

Миле Јанакиески е вратен во истражниот затвор „Скопје“ во Шуто Оризари, по  лекарските прегледи во болницата „8 септември”. Тој, по инцидентот, се пожалил на болки, имал нагмечувања, но не и скршеници, изјави вечерва директорот на затворот „Скопје“, Ѓоко Котевски.

Инцидентите биле одделни, а органите ќе ги утврдуваат причините и како се случиле инцидентите со вчера притворените екс-министри Ристовски и Јанакиески за настаните од 27 април во Собранието.

– Управата на истражниот затвор уште вечерва ќе почне истрага, согласно протоколите за работа, за да испита дали е направен некаков пропуст и доколку биде утврден пропуст од припадниците на затворската полиција или на другите служби ќе биде покрената соодветна истрага и ќе биде побарана дисциплинска одговорност – рече директорот Котевски.

Ристовски не се пожалил на болки, па не бил испратен на лекарски прегледи и во болница, а Котевски рече дека двајцата биле прегледани од страна на лекар во затворот, веднаш по физичката пресметка која се случила за време на прошетката денеска околу 13 часот.

Тој додаде:

– Постојат видео камери, надзор од овластени лица кои вршат мониторинг на тој простор и се прибавуваат изјавите. Во тоа шеталиште не биле само двете лица, туку и други лица кои се сместени во тие соби. Лицата кои се во тие соби не се ниту за исти дела, се водат различни постапки. Да почекаме да видиме што ќе покаже истрагата. Не сакам да прејудицирам сега како ќе биде – истакна тој.

Котевски негираше дека едното лице притрчувало или му помагало на другото лице.

А за тоа дали можел инцидентот да се спречи, Котевски истакна дека еден затворски полицаец е распореден на работна позиција на мониторинг на тие шеталишта.

– Првично што го гледаме од дојавата до времето на реакција, дека не поминале  повеќе од две-три минути, значи многу е брза реакцијата. Постапката за истражување на овој случај е започната и за многу брзо време ќе имаме поцелосна слика. За сите оние кои постапиле спротивно на востановените протоколи во вакви случаеви или направиле нешто со што ја загорзиле безбедноста на притворените лица ќе биде покрената дисциплинска постапка и истите ќе бидат санкционирани – нагласи  Котевски.

Според него, безбедноста на затворот „Скопје“ е на највисоко ниво.

На Јанакиески синоќа му беше одреден 30-дневен притвор во врска со случувањата во Собранието на „27 април“. За истиот случај притвор доби и поранешниот министер Спиро Ристовски.

Од ГОБ „8-ми Септември“ попладнево потврдија дека кај нив бил примен Миле Јанакиески, но оти не му биле констатирани телесни повреди.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...