Она што се случува во правосудството е срамно и неприфатливо. Неприфатливо е токму институциите кои треба да носат правда, истата да ја спречуваат и поткопуваат, реагираат од владејачката СДСМ.
Портпаролот и пратеник Костадин Костадинов денеска излезе на прес-конференција со остри критики за судстото откако вчера експремиерот Никола Груевски поради застареност на делото се спаси од кривичен прогон за кинеските провизии за автопатите во случајот „Траекторија“.
– Ја повикуваме Државната комисија за спречување на корупцијата да започне постапка за проверка на имотот на судиите и обвинителите веднаш. Комисијата има таква можност и ја охрабруваме да ја спроведе веднаш. Истовремено, СДСМ најавува дека започнува постапка за целосен ветинг на сите судии, процес кој ќе започне веднаш по формирање на новата Влада предводена од СДСМ. Целосен реизбор не беше дозволен од страна на Европската Унија, но ветинг на судиите мора да има, зашто правда може да носат само праведни судии, а не блокатори на правдата. Неопходен е ветинг во судството, за да се направи дистинкција меѓу чесните и професионални судии и обвинители и оние кои не се на нивото на професијата – вели Костадинов.