Јавноста, основано се сомнева дека пионот Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ, знаеле за планот на Груевски, рече денеска Костадин Костадинов, пратеник и портпарол на СДСМ.
– Пред две недели антинародниот пион Христијан Мицкоски, јавно, во интервју (Алсат-М) призна дека имал повеќечасовна средба со неговиот ментор, осудениот криминалец Никола Груевски. На таа средба, според признанието и зборовите на Мицкоски разговарале за „иднината“ и „личните моменти“ на осудениот Никола Груевски. Антизападниот пион Мицкоски пред граѓаните треба да одговори дали токму на таа средба било испланирано бегството на Груевски? Ние, како и граѓаните, отворено се сомневаме дека досегашната одбрана на криминалот на Груевски од страна на Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е во функција да му помагнат во неговиот план. Вклучувајќи го тука и бегството – рече Костадинов.
Според него, терминот „политички прогон“, користен од, како што вели, антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ и медиумите под негова контрола, очигледно е со единствена цел, да му послужи како алиби за барањето азил на осудениот Никола Груевски.
– Секој во Република Македонија и надвор од неа, знае многу добро, а судските одлуки го потврдуваат тоа, дека нема никаков политички прогон, туку спроведување на правда и правна држава. Оттука, основани се сомнежите. Дали токму антизападниот Мицкоски и антинародното раководство на ВМРО-ДПМНЕ се соучесници во бегството на Никола Груевски? – праша тој.
Пратеникот ги повика сите надлежни институции, конкретно Основното јавно обвинителство да отвори истрага и целосно да го расветли случајот и да ги лоцира сите виновници.
– Сите сочуесници вмешани во бегството на криминалецот Груевски мора да одговараат пред законите. Надлежните институции мора да ги искористат сите свои капацитети за Груевски да биде донесен онаму кадешто му е местото – на издржување на казната затвор – порача Костадинов.