ВМРО-ДПМНЕ продолжува со деструктивните политики на штета на граѓаните и државата, ги кочи реформите и се обидува да го кочи напредокот на Република Македонија за полноправно членство во ЕУ и НАТО, обвини Коста Костадинов, пратеник на СДСМ.
– Пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ последниов период намерно блокира неколку собраниски комисии, на коишто се расправа за реформски закони. ВМРО-ДПМНЕ ја блокира и постапката за формирање на Државна изборна комисија, со што го доведува во прашање одржувањето на референдум за иднината на државата. За ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски не се важни ниту потребите на граѓаните, ниту државните интереси. За нив единствено важна е одбраната на криминалот и судбината на Никола Груевски и фамилијата.
Затоа ВМРО-ДПМНЕ измислува нови барања, техничка Влада, амнестија и сл. Сака да прикаже вештачка криза, само за да ги спасат криминалците од одговорност. Тоа е единственото нешто за кое што се бори Мицковски. Едно треба да биде јасно, амнестија за криминал нема да има. Никогаш нема да прифатиме амнестија на криминалци.
Изборниот законик и Законот за финансирање на политички партии се одамна усогласени и ние сме подготвени веднаш да ги поддржиме во Собранието. ВМРО-ДПМНЕ ги прифати текстовите на законите, кои веќе се напишани. ВМРО-ДПМНЕ треба веднаш да престане да ја блокира работата на Комисијата за избори и именувања. Веднаш да се избере новиот состав на ДИК, за да воопшто може да се организира референдум.
Ако тоа не го направат, значи дека ВМРО-ДПМНЕ не сакаат референдум и бегаат од избори. Очигледно е, ВМРО-ДПМНЕ се плаши од волјата на граѓаните. Македонија забрзано чекори напред и враќање назад нема. Македонија да биде заложник на криминалот на ВМРО-ДПМНЕ – вели Костадинов.