Костадинов: Амнестија за Груевски нема да има

812

Бранителите на Никола Груевски поднеле иницијатива за испитување на уставноста на членови од Кривичниот законик врз основа на кои се терети поранешниот премиер со цел одговорноста за неправилностите во јавните набавки да се префрли врз Комисијата за јавни набавки, изјави денеска Костадин Костадинов, пратеник од СДСМ и коалицијата, на денешната прес-конференција.

– Со иницијатива до Уставниот суд се обидуваат да ја оспорат уставноста на Кривичниот законик, односно членот 353 став 5, кој се однесува на злоупотреба на службена должност. Иницијативата има за цел одговорноста за неправилностите во јавните набавки да се префрли врз Комисијата за јавни набавки, а со тоа Груевски и неговите соработници, да бидат ослободени од одговорност – изјави Костадинов на денешната прес-конференција, која се одржа откако лидерот на СДСМ, Зоран Заев, денеска на собраниска седница понуди политичко помирување за настаните од 27 април лани.

Истовремено, како што нагласи Костадинов, се бара предметите што се водат во моментов а се однесуваат на кривичните дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластување, да бидат запрени, сѐ додека Уставниот суд не се произнесе.

– Ова не е ништо друго освен последен, јалов, очајнички и правно неписмен обид за амнестија на Никола Груевски и неговите соработници. Со ова се потврдува дека единствена цел на Мицкоски и сегашното раководство на ВМРО-ДПМНЕ е амнестија на криминалот на Никола Груевски. Христијан Мицкоски, претходно и сегашно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, треба да знаат дека амнестија нема да има.
Македонија е правна држава. Законите важат и ќе важат за сите подеднакво. Никој не е и нема да биде над законите и ниту еден закон нема да се менува или укинува за некој да се спаси од одговорност – изјави Костадинов.

Тој порача дека секој кој постапувал незаконски ќе мора да одговара без разлика на неговата етничка, религиска или политичка припадност.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...