Дали сте слушнале за терминот „чурнализам“ (churnalism), како замена за добро познатиот збор „журнализам“? Се смета дека автор на овој термин е Васим Закир, новинар на Би-би-си. Во својата книга „Flat Earth News“ (2008 година), британскиот новинар Ник Дејвис известува за студијата на Универзитетот во Кардиф (спроведена од професорот Џастин Луис и тим од истражувачи), која открива дека 80 отсто од сториите во квалитетниот печат во Британија не се оригинални, а само 12 отсто се генерирани од репортери. Резултатот е намалување на квалитетот и на точноста, како и зголемување на манипулациите.
Книгата на британскиот новинар Ник Дејвис, која го објаснува подемот на „чурнализмот“ во светот
„Чурнализмот“ е форма на журнализам во која прес-соопштенијата, сториите обезбедени од новински агенции и другите форми на однапред спакувани материјали, наместо вести за кои известуваат репортерите, се употребуваат за подготовка на статии во весниците и во другите медиуми. Тоа ги намалува трошоците, особено во ерата на подемот на интернетот, а го наметнува адвертајзингот. Глобалната студија од 2015 година, дело на истражувачи од 18 земји во рамките на Мрежата за етичко новинарство „Нераскажани приказни“, тврди дека овој феномен, заедно со сеприсутниот плагијаризам и објавувањето содржини „од втора рака“, во Британија се сметаат за форма на нечесност и на корупција.
Студијата тврди дека во Велика Британија сега има повеќе професионалци за односи со јавноста отколку новинари, а трендот се влошува на штета на новинарите. Новинар вработен во водечки таблоид сведочи: „Веројатно имам повеќе пријатели во пи-ар службите отколку новинари. Очигледно, понекогаш човек сака да им помогне на пријателите, спомнувајќи ги нивните клиенти во весникот. За возврат, добиваш убава вечера, шише шампањ или нешто слично. Не велам дека тоа би ме запрело да напишам негативна сторија за нивните клиенти, но во човечката природа е желбата да не им ги отежнуваш животите на пријателите. Затоа, сето тоа влијае врз мене. Примањето подароци во замена за покривање не е нешто што се крие, туку за тоа отворено се дискутира. Всушност, постои речиси натпревар кој ќе добие најдобро гага. Колку повисоко си рангиран во редакцијата, толку подароците се подобри. Познавам уредници кои не платиле за одмор со години“.
Кога огласувачите ги диктираат содржините
Тоа е објаснувањето зошто дури и во Велика Британија, земја која се смета за срце на модерниот журнализам, во печатените медиуми (но не само во нив), имаме пораст на „адверторијали“ (уште еден типично британски термин, измислен како антоним на зборот „едиторијал“). Огласувачите, сфаќајќи дека огласите се поефективни ако бидат доживеани како содржина подготвена од новинари, инсистираат нивните пораки да бидат вклопени во новинарските содржини. И тоа поминува и на Островот.
Во Украина, пак, станува збор за стандард присутен подолго време. Во извештајот на Лесиа Ганза и Олексиј Погорелов се вели дека бројот на едиторијали платени од огласувачите расте во украинските медиуми. Клучните трендови на дистрибуцијата на платени материјали во регионалните печатени и онлајн-медиуми се опишани од Светлана Еременко, лидер на мониторинг проектот на Украинскиот центар за реформи и едукација, кој анализира околу 1.000 материјали месечно. Секој петти материјал, вклучувајќи ги тие кои се означени како комерцијални содржини, се платени. А пред парламентарните избори во 2012 година, секој трет материјал бил платен.
Освен општите социјални и политички услови, треба да се каже дека Украина, иако голема земја, страда од релативно мал пазар на огласувачи. Во Полска, на пример, земја со 38,5 милиони луѓе (една петтина помалку од Украина), пазарот за телевизиско огласување е многу поголем. До крајот на 2012 година, пазарот во Полска бил трет во регионот (после Русија и Турција) и тежел 2,07 милијарди долари, што е четири пати повеќе од украинскиот маркетинг колач, вреден само 483 милиони долари.
Но, да дојдеме конечно и до регионот на Западен Балкан, до статијата на Санела Хоџиќ, насловена како „Западен Балкан: Корупцијата во медиумите го забавува прогресот кон демократија“. Интересно е дека овој извештај, кој ја опфаќа и Македонија (иако прескромно), почнува со потсетување на затворањето на хрватскиот магазин Ферал трибјун во 2008 година, после бојкотот од огласувачите поради критичкото известување на магазинот за центрите на политичка моќ, но не се спомнува случајот на затворањето на А1 телевизија и на трите афилирани дневни весници, кој по својата бруталност далеку го надмина случајот на хрватскиот магазин.
Ова остана по насилното затворање на А1 телевизија и на весниците на улицата Перо Наков во Скопје. Фотографија Бранко Героски
Независното новинарство тешко ги преживува овие тест времиња, вели Хоџиќ и додава: „Оваа мрачна ситуација се однесува на многу страни низ Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Македонија, Косово и Црна Гора, но и во медиумскиот пејсаж на Хрватска, земја членка на Европската унија“. Проблемите потекнуваат од делумната приватизација на медиумите во раните деведесетти години на минатиот век, која се одвива во сомнителни и корупциски околности и злоупотреба на моќта, поради што многу медиуми и понатаму остануваат под владина контрола или под влијание на државните институции преку финансирањето. Освен тоа, посебно во случаите на Македонија (до промената на власта минатата година – н.з.) и на Црна Гора, државата е главен извор на приходи за медиумите, а начините на финансирање се нетранспарентни и волунтаристички, се вели во извештајот.
Во Босна и Херцеговина, на пример, владата на Република Српска обезбедува големи субвенции за медиумите, во висина од околу 10,3 милиони евра (во петте години до 2012 година). Истовремено, локалните власти во БиХ во 2012 година обезбедиле фондови во вредност од 7,8 милиони евра, делумно од донации но и низ директно финансирање на бродкастерите, кои сѐ уште се во сопственост на општинските и на кантоналните власти (14 од 44 телевизиски станици и 62 од 140 радио станици).
Студијата спомнува релативно стари, веќе подзаборавени случаи на директна корупција на сопственици, уредници и новинари во земјите на Западен Балкан, но истовремено потсетува на фактот дека таквите случаи тешко се откриваат. Повторно ќе забележиме дека извештајот „Нераскажани приказни“ датира од 2015 година, а во 2014 година во Македонија опозицискиот Социјалдемокоратски сојуз јавно емитуваше нелегално снимени телефонски разговори, а во серијата т.н. бомби се појавија и случаи на крупна корупција на новинари, кои во моментот се процесуираат во македонското правосудство. За нив во извештајот нема ниту збор.
Акцентот е ставен на ново усвоената легислатива во некои земји во регионот (Србија, Косово, Албанија), која овозможува зголемена политичка контрола врз јавните телевизиски и радио сервиси. Исто така, се нагласува широко распространетото сомневање за постоење скриени сопственици на медиумите, или скриени приходи, кои го оштетуваат новинарството. Така, во сега веќе далечната 2010 година, антикорупциската комисија во Србија утврдила дека во 18 од 30 медиуми сопствеништвото не е доволно транспарентно. Како што е познато, овој феномен во последно време стана супер актуелен и во Македонија, поради сомневањата дека преку сомнителни унгарски компании на македонскиот медиумски пазар влегуваат свежо испрани пари од тајкуните од претходниот режим.
Како и во повеќето други земји во светот, еден од клучните проблеми во регионот е намалувањето на пазарот на огласување, при што карактеристично е дека државните институции ги злоупотребуваат јавните фондови за промоција на партиите на власт, додека главните компании во земјите, кои се во сопственост на државата или зависат од милоста на власта, исто така ги насочуваат буџетите кон медиумите кои работат во полза на политичката елита, што е екстремно високо ниво на политичка корупција.
Сето ова се случува во околности кога колачот за авдертајзинг генерално се намалува, издавачите осиромашуваат (некои и пропаѓаат), платите во редакциите се намалуваат и новинарството сѐ помалку е пропулзивна професија. Ако во 2015 година извештајот сведочи за коруптивни практики на вработување новинари и уредници во редакциите, едно регионално истражување денес веројатно би покажало трендови слични на оние во развиените западни земји, каде што новинарите полека ја напуштаат професијата и полека се префрлаат во пи-ар службите на компаниите и во политичката пропаганда.
И лажните вести се облик на корупција
За крај, пред да преминеме на заклучните согледувања и особено на начините на кои во некои земји новинарите и медиумите се обидуваат да се справат со корупцијата во сопствените редови, вниманието ќе го насочиме кон уште еден, релативно нов феномен, кој во моментов ja засега Македонија.
Заедничкото истражување спроведено од Проектот за известување за организиран криминал и корупција (OCCRP), Базфид и Истражувачката репортерска лабораторија – Македонија, открива информации кои фрлаат ново светло врз скандалот со бумот на лажните вести во македонскиот град Велес. Автори на истражувањето се Обри Белфорд, Крег Силверман, Џ. Лестер Федер и Сашка Цветковска.
Како што е познато, една недела пред денот на изборите во САД во 2016 година, Базфид откри дека во Велес се регистрирани повеќе од 100 веб-страници кои објавуваа лажни и вирални вести во насока на поддршка на тогашниот кандидат за претседател, Доналд Трамп. Медиумите од светот тогаш дојдоа во Велес да ја раскажат приказната за градот и за таканаречените лажни вести кои ги правеа тинејџери, многумина од нив со малку разбирање на англискиот јазик, но со успех во заработка на десетици илјади долари од дигитален маркетинг, благодарение на виралноста на нивните често лажни написи за американската политика.
Кафуле во Велес (2016 година), каде што е откриена фабрика за производство на лажни вести во полза на Доналд Трамп. Фотографија EPA/GEORGI LICOVSKI
Во новата статија се потсетува дека политичката новинска индустрија не почнала спонтано од аполитичните тинејџери, туку била лансирана од познат млад адвокат кој често ги брани новинарите во разни судски случаи. Неговото име е Трајче Арсов, а тој работел со американските партнери повеќе од шест месеци во периодот пред претседателските избори во САД. Еден од овие Американци е Парис Вејд, кој во моментов е кандидат за Сенатот во државата Невада. Арсов, исто така, ангажирал и американски и британски автори, вклучувајќи најмалку двајца кои работат за десничарски конспиративни популистички веб медиуми како Gateway Pundit. Но, истражувањето открива дека барем еден припадник на руските таканаречени трол-фабрики (кои се дел од обвинението на специјалниот обвинител на САД Роберт Мјулер, кој го истражува наводното мешање во претседателските избори), доаѓал во Македонија три месеци пред креирањето на првите сајтови со таканаречени лажни вести, фокусирани на американската политика за претседателските избори во 2016 година.
Истражувачките новинари не нашле доказ што го поврзува доаѓањето на Ана Богачева, т.н. руски трол од обвинението на Мјулер, со велешките веб-страници. Арсов и другите поврзани со оваа операција негираат секаква поврзаност со било какви линкови со Русија. Богачева е една од 13-те руски државјани обвинети од Мјулер за наводно мешање во изборите во САД во февруари годинава. Македонските разузнавачки и правосудни органи сега соработуваат со правосудните органи и агенции од САД во најмалку две западно-европски држави со намера да истражат дали можеби постојат евентуални релации со Русија, потврдиле двајца високи функционери од две институции вклучени во меѓународната истрага.
Обвинението се фокусирало на улогата на „фабриката за нарушување на углед“ со седиште во Санкт Петерсбург. Таа агенција имала за цел истражување на интернетот и создавање на онлајн пропагандни материјали и ширење пораки преку социјални мрежи, со цел да му помогнат на Трамп да ја победи противкандидатката Хилари Клинтон. Документите за влез во државата, прибавени од Базфид и од OCCRP, укажуваат дека Богачева престојувала во Македонија во средината на 2015 година, но одбила да ги објасни причините за посетата на земјата.
Дали е на повидок нов меѓународен корупциски скандал, останува да се види.
(Читајте во четвртото продолжение: Како да се каже „не“ и да се преживее)
Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата - Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија