КОРУПЦИЈА ВО МЕДИУМИТЕ ВО СВЕТОТ (2) Новинарство на кафеави пликови

Не е мал бројот на земјите во светот во кои властодржците и моќниците ја злоупотребуваат ниската економска моќ на медиумите, ниските плати и нискиот социјален статус на новинарите, за практикување на класичниот поткуп, како доминантен метод на корупција.

465

Ја губат ли новинарите, лидерите на борбата против корупцијата, на глобално ниво, битката за сопствениот интегритет? Дали и самите стануваат сѐ поподложни на корупциски притисоци? Дали таквата ранливост е причината поради која дури и во земјите со висок степен на перцепција на „отпорност“ кон корупцијата, медиумите се вовлекуваат во корупциски шеми?

Во својата статија под наслов под наслов „Кога луѓето немаат доверба во новинарите, често следува корупција“, од март 2018 година, Кевин Станкиевич (Kevin Stankiewicz), сениор предавач на Државниот универзитет во Охајо, феноменот на губење на довербата во медиумите го доведува во директна врска со корупцијата. Довербата во медиумите и слободата на печатот се во непосредна врска, а во ерата на зголемен глобален скептицизам кон институциите воопшто, новинарите веќе ги чувствуваат последиците на недовербата во медиумите, вели авторот.

Во 18. годишен Барометар на глобалната доберба, објавен во јануари, Еделман, глобална компанија за маркетинг на комуникациите, врз основа на истражувања спроведени во 28 земји, утврдила дека 43 отсто од испитаниците имаат доверба во медиумите, но во 22 од 28 земји поголем е бројот на испитаниците кои не им веруваат отколку бројот на оние кои им веруваат на медиумите. Кон овој податок треба да се додаде и фактот дека прв пат во историјата на овие истражувања, медиумите се институција со најмала доверба.

Политичката контрола – симптом на силна корупција

Растечката недоверба во медимите, која ја регистрираат и други истражувања, ги тера истражувачите да бараат одговори за причините за овој феномен. Некои, на пример, забележуваат дека недовербата во медиумите е во тесна корелација со недовербата во политичките институции. Други истражувачи, пак, инсистираат на девастирачкиот ефект на анархијата на интернетот и на социјалните мрежи, како и на производството на лажни вести, на кое подлегнуваат и медиумите (иако има истражувачи кои инсистираат да се прави строга разлика со начинот на кој терминот „лажни вести“ го употребуваше Доналд Трамп, на пример, осудувајќи ги негативните стории во печатот за него).

Нашата анализа, сепак, ќе ја фокусираме кон клучната теза од знаменитиот труд „Изгубена правда: Етиката и печатот во пост-доверлива Русија“ („Losing Pravda: Ethics and The Press in Post-Truth Russia“), на Наталија Рудакова (Natalia Roudakova), професорка по комуникации на Универзитетот Еразмус во Ротердам.

Книгата на Наталија Рудакова може да се набави и на amazon.com

Нејзината централна теза е дека недовербата во медиумите може да создаде општество што веќе не ја вреднува вистината. „Вистината за светот е изградена врз доверба – пишува Рудакова. – Кога довербата е оштетена, кога нема кому да му веруваш, тогаш ти не си во можност да оформиш знаење за светот и затоа секое тврдење, секое мислење, е еднакво добро како секое друго“.

На овој начин Владимир Путин ги консолидира медиумите во почетокот на 2000 година и подоцна. Почвата веќе е добро подготвена. Довербата во новинарството во Русија пред тоа паѓа на толку ниско ниво (заедно со падот на Советскиот сојуз), што Путин има релативно лесна работа да го манипулира медиумскиот корпус во Русија и да ја преземе речиси целосната контрола, почнувајќи од телевизиите.

Инаку, остварувањето на целосна политичка контрола врз медиумите е еден од најјасните симптоми на силна корупција во новинарството. Впрочем, политичката корупција, по дефиниција, е највисоко ниво на злоупотреба на положбата за остварување моќ, статус и богатство, со помош на манипулации со политики, со институции и со процедури.

Класичен пример на општа политичка корупција, што ги засега и медиумите, е Унгарија. Ева Богнар, истражувач во Центарот за медиуми, податоци и општество во Универзитетот на Централна Европа, вели дека главното прашање во Унгарија е дали публиката има пристап до базични информации неопходни за одржлива либерална демократија. Тоа е главната последица на Орбановиот притисок врз медиумите од преземањето на власта во 2010 година. Притисокот вклучи и легислатива за зголемување на владината контрола врз содржината на медиумите на државни јасли, како и нејасни промени на сопствеништвата во медиумите (кои доживеаја кулминација во 2016 година, со затворањето на еден лево-ориентиран весник, откако претходно беше купен од сојузник на десничарскиот унгарски лидер). Според проценките, партијата на Орбан контролира 90 отсто од медиумите во земјата.

Според неофицијалните проценки, партијата на Виктор Орбан 
контролира 90 отсто од медиумите во Унгарија.

Примерот на Орбан го следеше и Полјакот Јарослав Качински, лидерот на Партијата на правото и правдата, кој прво покрена агресивна кампања против најтиражниот весник во земјата, Газета Виборшча,  за потоа, откако ќе ја преземе власта во земјата, во октомври 2015 година, да донесе легислатива со која се воведува државна контрола врз јавниот телевизиски сервис (главната причина поради која во рангирањето на Фридом Хаус, земјата премина од „слободна“ во „делумно слободна“).

Класичниот поткуп сѐ уште во мода

Не е мал бројот на земјите во светот во кои властодржците и моќниците ја злоупотребуваат ниската економска моќ на медиумите, ниските плати и нискиот социјален статус на новинарите, за практикување на класичниот поткуп (во разни облици), како доминантен метод на корупција.

Така, кон крајот на април годинава, беше објавен извештај за Камбоџа, студија која се базира на интервјуирање на 29 новинари и 25 тренери и донатори. Ја издвојуваме во оваа анализа, затоа што по методот, е слична на студијата која во овој момент ја подготвува Здружението Член 16, за состојбите во Македонија. Во студијата за Камбоџа, новинарите сведочат дека ниските плати на новинарите, лошите услови за работа, културната инкомпатибилност и општата корупција во земјата се причина за неетичко поведение на новинарите и за широко распространетата самоцензура. Западно ориентираниот етички концепт не функционира во камбоџански услови. Со плати од 200 до 300 американски долари месечно, новинарите лесно прифаќаат поткуп.

„Новинарство на кафеавите пликови“. Овој термин е карактеристичен за корупцијата на новинарите во Африка (во наши услови, веројатно би станувало збор за сини пликови). Еден неодамнешен извештај за Нигерија, на пример, исто така сведочи за борбата на нигериските новинари за голо преживување. Нивните плати се ниски и вообичаено се исплаќаат со месеци задоцнување. Некои од новинарите се поттикнуваат да наплаќаат пари од „клиентите“ за објавување стории. Вообичаена пракса е за време на прес-брифинзите да им се даваат кафеави пликови што содржат кеш. Нигериските медиуми буквално се отворена арена за објавување спонзорирани невистини. Етаблирани весници добиваат пари за да објавуваат стории на насловните страници.

„Од моето лично искуство, корупцијата се толерира и се практикува во редакциите, иако многумина се преправаат дека не го гледаат слонот во собата“. Ова е воведната реченица на медиумскиот аналитичар Боб Теох (Bob Teoh), со која почнува неговата колумна на еден портал во Малезија. Аналитичарот спомнува неколку видови поткуп на новинарите: бесплатни патувања за новинарите (junkets), некои поврзани со работата, но некои не; пликови како дел од прес-китот (пракса увезена од Индонезија); ваучери за жени, но само за постарите уредници; подароци, обично нови производи на пазарот и слично. Интересно е дека во оваа статија авторот сведочи и за сопствени искуства на полето на корупцијата.

Етосот на новинарството под притисок

За жал, нема многу кредибилни рапорти, особено не такви од глобален карактер, за слични искуства во земјите од Стариот континент, односно во светот што можеби не сосема оправдано го сметаме за понапреден, па дури и за „поцивилизиран“. Последната таква респективна глобална студија датира од 2015 година и е дело на Мрежата за етичко новинарство. Носи предизвикувачки наслов „Нераскажани приказни“ и содржи авторски анализи за 18 земји од повеќе делови на светот, вклучувајќи го и регионот Западен Балкан.

„Светот на новинарството – се вели во воведната анализа на студијата – е полн со добри намери. Од врвот до дното на медиумската пирамида луѓето зборуваат за ‘мисија’, за јавен интерес и за круцијалната ролја што ја игра новинарството како четврта власт, држејќи ја в раце силата да го набљдудува и јавно да го изложува лошото поведение на нашата политичка и корпоративна елита. Но, во модерниот медиумски пејсаж, етосот на новинарството, како дел од политичките темели на демократијата, е под притисок. Секаде во новинарството има ‘црна уметност’ на работа; луѓе кои прават договори со огласувачите да објавуваат платени материјали како чесни вести; репортери кои прифаќаат мито; како и мноштво други неверојатни практики кои се кријат од публиката“.

Постои растечка култура на зависност од политичката и корпоративната моќ. Некои сопственици на медиуми имаат своја деловна и политичка агенда, а многу новинари и уредници се согласуваат со праксата во медиумите која поттикнува неетичко новинарство. Овие приказни ретко добиваат внимание во јавноста, но кога ќе избијат (како во скандалот со хакираните телефони и во скандалите со поткуп во Велика Британија), тоа има девастирачко влијание врз медиумите. Битката со која се соочуваат новинарите во стабилните демократии, како Велика Британија и Данска, на пример, се помалку напнати, но не и со помалку предизвици. Пример за тоа е кризата што во февруари 2015 година ја предизвика Питер Оборн (Peter Oborne), водечкиот политички новинар на Дејли телеграф, кој си даде отказ, обвинувајќи го менаџментот дека ги цензурира неговите стории за банката ХСБЦ (фатена во даночен скандал), затоа што била водечки огласувач во весникот.

Питер Оборн од Дејли телеграф си даде отказ, затоа што менаџментот 
ги цензурирал неговите стории за банката ХСБЦ, фатена во даночен скандал.

Збор-два и за најголемиот корупциски скандал во медиумите во Данска, експлозивните детаљи за начинот на кој њуз-магазинот Се Ог Хоер, со помош на платен инсајдер со пристап до кредитни картички, од 2008 до 2011 година открива екслузивни стории за данското кралско семејство и за други селебрити личности. Така магазинот дознава каде принцот го минува својот меден месец и го открива неверството на топ комичарот Каспер Кристенсен и многу други скандали. Магазинот на својот извор му исплаќал награда за секоја дојава, се разбира без при тоа тие приходи да се декларираат кај данските даночници. Инаку, издавач на Се Ог Хоер е респектибилна скандинавска издавачка компанија, а разоткривањето на скандалот сериозно ја загрoзува неговата репутација. Уште повеќе, доведена е во прашање репутацијата на земјата која важи за пример на либерална демократија, слобода и отсуство на корупција. Скандалот завршува со повеќе суспензии, откази и истраги, кои сериозно ги погодуваат редакцијата и издавачот.

(Читајте во третото продолжение: Заробени во светот на „адверторијалите“)

Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, 
во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против 
корупцијата - Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата 
е единствена одговорност на  авторитети на Здружението на граѓани 
за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ 
и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...