КОРУПЦИЈА ВО МЕДИУМИТЕ ВО СВЕТОТ (1) Игра со опасен оган

Како е можно, во период кога новинарите буквално со крв ја плаќаат својата жестока, лидерска битка против корупцијата во светот, наместо да бидат почестени со доминантна емпатија и поддршка од демократскиот свет, да се соочуваат со растечки анимозитет и со „оспорување на легитимитетот на новинарството“?

450

Во јули минатата година, светските медиуми, повикувајќи се на локалниот весник Xalq Qazeti, ја објавија речиси неверојатната вест дека претседателот на Азербејџан, Илхам Алиев, по повод одбележувањето на Денот на националниот печат (22 јули), на новинарите од таа земја им подарил 255 станови, како награда за тоа што „азербејџанското новинарство се развива и игра многу позитивна улога во општеството“, додека во земјата „слободата на говорот е загарантирана“. Така барем, според Радио Слободна Европа, се пофалил Алиев, на церемонијата во Баку.

Но, стварноста е сосема поинаква. Организацијата Фридом Хаус медиумите во Азербејџан ги оценува како „неслободни“, додека организацијата Репортери без границиво Годишниот индекс за слободата на печатот за 2017 година, земјата ја рангираа на неславното 162. место од вкупно 180 земји. За жал, два месеца после овој скандал, се откри една необична врска меѓу две земји со сосема спротивни традиции во развојот на слободата на печатот – тоталитарниот Азербејџан и Данска, една од скандинавските земји што вообичаено се земаат за пример за новинарски слободи.

Според еден извештај на Проектот за известување за организиран криминал и корупција OCCRP (Organized Crime and Corruption Reporting project), со наслов Азербејџанската машина за перење пари, оваа земја, од 2012 до 2014 година, преку четири компании во Велика Британија, испрала 2,9 милијарди долари, главно преку Данска банка, преку која минале трансакциите. Банката е поранешен сопственик на данскиот весник Берлингске, на чија адреса стасале доверливи документи од бившите газди.

И така, откриени се скандалозните податоци за сумата од 2,9 милијарди долари за поткуп на политичари, но и на новинари, но не само во Баку, туку и во Европа. Така, меѓу другите, нелегални пари од Азербејџан примиле Германецот Едуард Линтнер, тогашен претседател на Комисијата за човекови права на Парламентарното собрание на Советот на Европа; Италијанецот Лука Волонте, во тоа време претседател на парламентарната група на Европската народна партија во Парламентарното собрание на Советот на Европа; Калин Митрев, директор во Европската банка за обнова и развој, сопруг на Ирина Бојкова, генерален директор на УНЕСКО; и Змаго Јеленчич Племенити, лидер на словенечката екстремна десница. Според извештаите, парите се употребени за лобирање, за да се забошотат криминалите на претседателот Алиев.

Во јули 2017 година, бугарската новинарка Дилиана Гајтанџиева спровела истражување, со цел да фрли светлина на масивната операција на трговија со оружје во Азербејџан, во која биле замешани ЦИА, еден приватен инвестициски фонд и најмалку 17 влади. Гајтанџиева била уапсена од бугарската тајна служба. Поради одбивањето да го соопшти својот извор од Баку, таа била отпуштена од нејзиниот весник Труд, иако нејзиното истражување подоцна било објавено.

Истражувањето на корупцијата е смртоносно

Примерот на Азербејџан, иако несекојдневен и драстичен, укажува на еден битен факт, кој често се превидува, или се пренебрегнува, при известувањето за состојбите со корупцијата во земјите во светот. Вообичаено – и не без добри причини, секако – се смета дека новинарите, заедно со граѓанските организации, невладините активисти и меѓународните организации задолжени да бдеат над човековите права, се вистински лидери во борбата против „злоупотребата на доделената моќ заради остварување приватни добивки“ (стандардна дефиниција на корупцијата). Но, има релативно малку извештаи за коруптивни притисоци токму врз новинарите и за инволвирање на медиумите во корупциските шеми. Случајот со Азербејџан, за жал, не е единствен.

Централната премиса од која поаѓа истражувањето на Здружението Член 16, во проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, се потпира на логичката теза дека антикорупциските лидери мора силно да го потврдат сопствениот интегритет, а тоа подразбира да развијат политики, алатки и пракса на зацврстување на сопствената отпорност кон корупциски притисоци, како и сценарија за справување со корупцијата, како во случајот на данскиот весник Берлингске (кој разоткрива инволвираност на поранешниот сопственик во мега корупциски скандал).

Инаку, нема дилема дека, како што рапортира Меѓународниот прес институт на 2 мај годинава, известувањето за корупцијата е водечка причина за убиствата во 12-те месеци пред објавувањето на овој значаен извештај, на Светскиот ден на слободата на печатот. Ќе ги издвоиме позначајните наводи од овој извештај:

На 22 февруари годинава, полицијата ги пронајде телата на Јан Куцијак, новинар на веб-сајтотAktuality.skи на неговата девојка, во неговата куќа во Словачка. Куцијак ја истражуваше корупцијата во владата, а неговиот извештај, кој открива врски меѓу италијанската криминална мафија и некои членови на словачката власт, беше објавен после смртта на авторот. Убиството доведе до оставка на словачкиот премиер Роберт Фицо.

Во изминатите 12 месеци, се вели во извештајот, ширум светот се убиени 88 новинари, од кои 6 се жени. Од нив, дури 46 се убиени во таргетирани напади, во повеќето случаи поради истражување и откривање корупција. Меѓународниот прес институт, глобална мрежа на уредници, новинари и раководители на медиуми, од 1997 година го спроведува проектот Death Watch и открива дека од таа година до сега, на должност загинале 1.801 новинар.

Европските нoвинари, придружувани од комесарот на ЕУ, мирно протестираат 
поради убиството на малтешката новинарка Дафне Царуана Галициа, во Брисел
на 18 октомври 2017 година. EPA-EFE/OLIVIER HOSLET

Најзначајни таргетирани убиства поврзани со истражување на корупција во 12-те месеци пред објавувањето на последниот извештај се веќе спомнатото убиство на Куцијак во Словачка; на Дафне Царуана Галиција, убиена во експлозија на подметната бомба во Малта во октомври 2017 година; на Гаури Ланкеш, убиена во септември лани пред неговата куќа во Индија и на Хавиер Валдез Карденас, добро познатиот мексикански истражувачки новинар, во кого пукаа во мај минатата година.

Додека убиствата во Европа предизвикуваат глобална осуда и сѐ понагласени барања за апсење на одговорните, постојат десетици случаи ширум светот на кои не се обрнува меѓународно внимание. Латинска Америка е една од областите со многу неразјаснети убиства на новинари кои известувале за трговијата со дрога и политичката корупција. Со 12 новинари убиени за 12 месеци, Мексико изгледа е најсмртоносно место во светот за работа на новинарите.

„Луѓето имаат право да знаат што се случува околу нив, а новинарите – било да станува збор за корупција или за известување од зоните на судири – да ги расветлуваат тие настани. Death Watch во изминатата година претстави неверојатни загуби не само за семејствата на жртвите, за колегите и за пријателите, туку и за самата демократија“, изјави извршната директорка на Меѓународниот прес институт, Барбара Трифони, по повод Светскиот ден на слободата на печатот 2018.


Растечко непријателство кон медиумите


Интересно и за ова истражување особено значаен е акцентот на коментарот на меѓународната организација Репортери без граници, на Светскиот индекс на слободата на печатот за 2018 година (The 2018 World Press Freedom Index), со кој се мери нивото на слободата на печатот во 180 земји во светот. Воведната реченица во сумарумот на извештајот зборува за „растечки анимозитет кон новинарите“. „Непријателството кон медиумите – се вели во извештајот – отворено охрабрувано од политичките лидери, како и напорите на авторитарните режими да ја наметнат нивната визија за новинарството, претставуваат закана за демократијата“.

Репортери без граници предупредува дека непријатeлството кон медиумите од политичките лидери веќе не е ограничено само во авторитарните земји како Турција (157. место) или Египет (161. место), каде медиа-фобијата доведува до тоа новинарите рутински да се обвинуваат за тероризам, а нелојалните арбитрерно да се затвораат. Сѐ повеќе демократски избрани лидери на медиумите веќе не гледаат како на суштински дел од демократските процеси, туку како на адреса на која ја искажуваат својата аверзија.

Тешки зборови на Доналд Трамп на сметка на новинарите EPA/MICHAEL REYNOLDS

На Индексот за 2018 година, САД, земјата на Првиот амандман, предводена од Доналд Трамп, паѓа за две места (45. место), а Трамп им се обраќа на новинарите како на „непријатели на народот“, термин, како што потсетуваат Репортери без граници, некогаш користен од Јосиф Сталин.

Се тенчи и линијата меѓу вербалното и физичкото насилство врз новинарите. Во Филипини, на пример, претседателот Родриго Дутерте, не само што постојано ги навредува новинарите, туку и им се заканува велејќи им дека „не се исклучени од атентати“. Во Индија, премиерот Наренда Моди плаќа армии задолжени за тролање на новинарите на социјалните мрежи.

Она што најмногу изненадува е вербалното насилство врз новинарите во Европа. Појавувањето на чешкиот претседател Милош Земан на прес-конференција со лажен калашников и со зборовите „за новинарите“, ја чинеше Чешка пад од 11 места на рангирањето (сега е на 34. место). Словачкиот премиер Фицо, пред оставката, се „прослави“ со изјавите во кои новинарите ги нарекуваше „анти-словачки проститутки“ и „идиотски хиени“.

Ослободувањето омраза кон новинарите е една од најлошите закани за демократијата. Политичките лидери кои фрлаат оган врз репортерите носат голема одговорност, затоа што го подриваат концептот на јавна расправа заснована на факти наместо на пропаганда. Да се оспорува легитимитетот на новинарството денес значи да се игра со исклучително опасен оган“, изјави генералниот секретар на Репортери без граници, Кристоф Делор.

Оспорен интегритет

Се чини дека двата спомнати извештаи, чии теми само делумно се поклопуваат, сепак упатуваат на една крупна дилема, која бара сериозно објаснување – како е можно, во период кога новинарите буквално со крв ја плаќаат својата жестока, лидерска битка против корупцијата во светот, наместо да бидат почестени со доминантна емпатија и поддршка од демократскиот свет, да се соочуваат со растечки анимозитет и со „оспорување на легитимитетот на новинарството“? На што е последица таа контрадикторност?

Хипотезата што ќе ја поставиме на крајот на првиот дел од нашата анализа на рецентните светски искуства нѐ води кон сторијата со која започнавме, со случајот во Азербејџан. Имено, се чини дека во алокацијата на ресурсите за крупната корупција (grand corruption), но и за ситната корупција (petty corruption), медиумите и новинарите се посебен таргет. Зголемениот анимозитет, манифестиран низ отворен говор на омраза, од видни јавни личности и од демократски избрани политичари – трендот што го регистрира и Репортери без граници – укажува на препоставката дека лидерите на корупцијата можеби чувствуваат дека лидерите во борбата против корупцијата, новинарите и медиумите, дури и на глобално ниво, ја губат битката за сопствениот интегритет, или не посветуваат доволно внимание на ова прашање.

(Читајте во второто продолжение: Новинарство на кафеави пликови)

Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, 
во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против 
корупцијата - Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата
е единствена одговорност на  авторитети на Здружението на граѓани за 
одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ 
и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...