КОРУПЦИЈА ВО МАКЕДОНСКИТЕ МЕДИУМИ (7) Може ли кај нас да се живее од образот?

„Главниот уредник и уредниците мора да бидат брана и да ги штитат новинарите од секаков обид за притисок. А новинарите исто така треба да ги штитат своите уредници од притисоци, бидејќи коруптивните притисоци врз уредниците најчесто доаѓаат од менаџментот и од сопствениците“. Ова е еден од рецептите за справување со корупција во медиумите, за која сведочат македонски медиумски лидери.

470

Како се справуваат новинарите со корупциските притисоци? Како да се каже „не“? Дали да се пријави таков случај и кому – на колегите, на редакцијата, на новинарските здруженија, на органите на прогонот? Дали да се зборува јавно? Како да постапуваат редакциите?

Тоа се завршните прашања што Истражувачкиот тим на Здружението на граѓани Член 16 ги постави во интервјуата со дваесет македонски сопственици или претставници на сопствениците на медиумите, уредници, новинари сениори и новинари јуниори, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“. Уште еднаш ќе нагласиме дека интервјуата се водеа анонимно, но како потврда на веродостојноста на анкетата, Истражувачкиот тим до организацијата поддржувач на проектот достави список на анкетираните, со обврска нивните имиња да ги чува во тајност.

Дел од одговорите на овие прашања, како и на другите од стандардизираниот прашалник, ќе помогнат за развивање иновативни алатки за справување со овој проблем, кои веќе се подготвуваат. Но, дел ќе ги споделиме и во финишот на овој извештај, бидејќи според сведоштвата на анкетираните, македонските новинари сѐ уште се соочуваат со сериозни корупциски притисоци. Популарна водителка во една македонска телевизија раскажува:

„Имав понуда преку медијатор, 
колега од телевизијата, техничар, 
од актуелен директор на 
институција, да ми плаќа 
за негова афирмација. Висината 
на понудата не ја знам, 
бидејќи ја одбив со гадење 
и му кажав на медијаторот 
никогаш повеќе да не се 
обидува да ми предложи 
такво нешто. Ова прв пат 
го кажувам за вашата анкета“, 
му раскажа таа на 
Истражувачкиот тим.

Да се одбие бурно или тивко?

Значи, прашањето над сите прашања е – како да се каже „не“? Како да се одбие, а да се задржи работното место, позицијата, да не се загрози егзистенцијата? Тоа е она што ги мачи сите во медиумската индустрија, а најмногу новинарите.

Директор на телевизија со национална концесија уверува: „Голем број луѓе дошле кај мене да остават куферче. Ве уверувам дека секогаш тој состанок завршувал за 30 секунди. Но, знам луѓе кај кои тоа поминува. Ме ужаснува тоа што многу физички и правни лица мислат дека парите можат да решат сѐ“. Искусна новинарка вели дека реагира на сличен начин: „Најчесто со класично одбивање и со давање до знаење дека човекот чукнал на погрешна врата. Не постојат такви пари поради кои би ги ризикувала својата кариера и професионалното известување“. Спомнатата телевизиска водителка, пак, вели дека секогаш на такви непристојни предлози реагира емотивно: „Со скандал. Секогаш правам скандал и велам дека не сакам никогаш повеќе да слушнам такво нешто“.

Нејзин поискусен колега, долгогодишен новинар во дневен весник, има поинаква тактика:

„Јас го разбирам мотивот 
на тој што се обидува 
да ме корумпира. Дискретно 
одбивам и не правам голема 
врева. Тргнувам од резонот 
да не се вплеткам во нешто 
што тешко може да се докаже“.

И негов колега уредник во дневен весник постапува на сличен начин: „Не сум често изложен на такви притисоци. Немам обиди за директно корумпирање, а т.н. нарачки од повисоко ниво, доколку ги има, се обидувам да ги одбијам. Пружам отпор, до границите кои нема да ми го загрозат работното место. Не потпишувам текстови за кои сметам дека се пи-ар, дури и да морам да ги објавам“.

Се разбира, не е секогаш едноставно да се одбие, особено ако станува збор за суптилни притисоци. Се чини дека најискрен одговор добивме од највозрасниот анкетиран, долгогодишен директор и уредник:

„Како програмски директор 
во последната телевизија во 
која работев, но и во 
претходната, од сопствениците 
и од менаџерите сум имал 
притисок нешто да објавам, 
а нешто не. Тоа беа тешки 
разговори. Имало и компромиси, 
но беа тоа тешки борби и 
големи кавги“.

Да пријавиш, ама како без доказ?

Се чини дека индивидуалниот одговор на корупциските притисоци е важен, но не е секогаш одржливо решение за проблемот. Во справувањето со корупцијата треба да се склучат и редакцијата, издаваштвото, но и пошироката медиумска заедница. Новинарите под притисок се природно упатени да ги споделат своите искуства, да побараат поддршка. Една помлада новинарка вака го опишува својот банален, но индикативен случај: „Подарокот што го добив во една прилика го пријавив во редакцијата, па беше одлучено тој да се подари на Црвениот крст. Секогаш се трудам ваквите случаи да ги споделам со редакцијата, ама не тајно, туку транспарентно“.

Анкетираниот сопственик на медиум потврдува дека постои пракса на пријавување на вакви случаи. „Да, во принцип, моите колеги на работа ме известуваат кога се изложени на корупциски притисок“. Пријавувањето на ваквите случаи сепак е чувствителна работа. Веќе рековме дека спомнатата телевизиска водителка прв пат споделува случај на притисок. „Досега не сум известила никого. Можеби за овој проблем треба да се зборува гласно. И да ги ставиме луѓето на столбот на срамот. Можеби синдикатот би бил вистинското место да се пријави. Проблемот е кај новинарите. Тие треба да зборуваат погласно. Проблемот на молкот е што се штитат самите себе. Знаете во какво општество живееме“.

Искусна новинарка, која веќе сведочеше дека се соочила со притисоци, отвора една друга значајна тема: „Морам некому да кажам, за да ми олесни. Се консултирам со колегите во кои имам доверба. Се консултирам со пријатели кои се од правната сфера. Во институција, ако немаш доказ, како да пријавиш? Тешко докажлива работа е обид за корупција“.

Економски стабилни медиуми се непоткупливи

Тешката докажливост на обидите за корупција е многу сериозен проблем, поради кој случаите најчесто и завршуваат во редакциите. Искусна новинарка резигнирано коментира: „Не знам дали постои начин. Ова трае веќе дваесет или триесет години. Од тогаш работата не е подобрена, туку е влошена, бидејќи самите приватни газди на медиумите се најподложни на корупција, под изговор дека сето тоа е потребно заради обезбедување плати“.

Уредник, претставник на новинарско здружение, има свој рецепт како медиумите да за справуваат со овој проблем:

„Многу е едноставно. Главниот 
уредник и уредниците мора да 
бидат брана и да ги штитат 
новинарите од секаков обид 
за притисок. А новинарите исто 
така треба да ги штитат своите 
уредници од притисоци, бидејќи 
коруптивните притисоци врз 
уредниците најчесто доаѓаат 
од менаџментот и од 
сопствениците“.

Во секој случај, како што наведува анкетиран уредник во дневен весник, решението е да постои согласност од нивото на сопственици, а потоа и уредници и новинари, дека медиумот нема да влегува во никаков облик на коруптивна соработка, без оглед на комерцијалните ефекти или штети од тоа. „За жал, менаџментот, кој е под притисок да оствари комерцијални ефекти, се труди тоа да го компензира со нудење уреднички услуги на коминтентите. Најлошо е ако сопствениците влегуваат во блиски релации со политички партии, политичари, или големи компании, со надеж дека од тоа ќе имаат финансиска корист. Тогаш коруптивната спрега се одразува и врз уредувачката политика и врз работата на новинарите“, вели тој.

Можеби клучот е во економската стабилност на медиумите. Долгогодишен новинар, кој во својата кариера има видено сѐ и сешто, предупредува:

„Важна е економската стабилност 
на медиумот. Сопствениците на 
нашите медиуми не се трудат 
да изградат автономна позиција, 
туку да се врзат за одредена 
политичка и бизнис групација 
и тие да ги хранат. Ако медиумот 
е апсолутно економски самостоен, 
тоа е вистински начин на 
справување. Но, кај нас тоа 
го нема“.

Само јавно и гласно!

Анкетата што ја спроведе Истражувачкиот тим на Член 16 ја потврди и согласноста на сите интервјуирани медиумски лидери дека е неопходно да се подига свеста на новинарите дека за овој проблем мора да се зборува јавно и гласно. Искусна новинарка вели: „Јас сметам дека треба да се почне со подигање на свеста на новинарите и да се вреднува нивниот труд. Вториот начин е обуката. Имаме постари новинари кои имаат искуство. Помладите се поподложни на корупција. Новинарството оди во сосема погрешна насока“.

Уредник во албански весник додава: „Мора да се најде начин сето ова да се изнесе во јавноста. Обидите за корупција треба да се документираат и да се обезбедат докази. Ако еден што корумпира изгори, другите ќе бидат повнимателни и потешко ќе се осмелат да корумпираат“. Највозрасниот и најискусен анкетиран новинар вели: „Новинарската фела треба да биде солидарна. Ако таа солидарност во една редакција функционира, ќе го менуваме менталитетот и на менаџерите и на сопствениците. Мора ние новинарите да ги убедиме сопствениците до каде се границите на нивното влијание“.

Во врска со дилемата дали и каде да се пријавуваат ваквите случаи, тој заклучува:„Секаде, на сите нивоа. Само јавноста може да ѝ помогне на професијата. Шушкање зад врата, молчење, разговор во четири очи – тоа не. Само јавно. Треба секаде да се пријавува“. Охрабрува што и една од помладите американски новинарки го споделува ова мислење.

„Сите случаи треба да се 
пријавуваат. Битно е да се 
стекне кредибилитет. 
И од тоа може да се живее“.

Да се живее од кредибилитет – не беше ли тоа идеалот на либералното и професионално новинарство?

(Крај на серијалот)

Оваа анализа е подготвена со финансиска поддршка од Европската Унија, во рамките на проектот „Граѓанските организации и медиуми против корупцијата – Коалиција за нулта толеранција“. Содржината на анализата е единствена одговорност на авторитети на Здружението на граѓани за одбрана на слободата на говорот и на јавното изразување „Член 16“ и таа не мора да ги одразува гледиштата на Европската Унија.
Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...