„Бев поканет на забава за новинари, приредена од една моќна стопанска институција, во голем елитен ресторан надвор од градот. Таму бизнисмени се однесуваа како да се најдобри пријатели со новинарите. На трпезите имаше, како што се вели, од пиле млеко. Се точеа скапи пијалаци неограничено. А врв на забавата беше кога доцна во ноќта беа поканети ориентални стомачни танчерки, кои буквално ни се нафрлија на нас, новинарите“.
Ова е едно поинтересните сведоштва на дваесет медиумски лидери, кои беа интервјуирани од страна на Истражувачкиот тим на Здружението Член 16, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“. Сопственици и менаџери на медиуми, уредници, сениори и јуниори новинари, анонимно сведочат за многубројни примери на директен поткуп, но и на т.н. мека корупција. Заради потврда на веродостојноста на анкетата, списокот на анкетираните медиумски лидери е доставен до организацијата што финансиски го поддржа проектот, со обврска идентитетот на анкетираните да се чува во доверливост. Битни се приказните и методите на корупција, а не имињата.
Во случајов, уредник во дневен весник, новинар со долгогодишно искуство раскажа класичен пример на т.н. мека корупција, појаснувајќи што значи таа. Тој објаснува: „Tаканаречената мека корупција се врши преку развивањето пријателски односи помеѓу новинарите и изворите, со давање подароци во поволни прилики, покани за наводни службени патувања, најчесто неважни за новинарската работа, вршење мали услуги и протекции за новинарите, нивно поканување на коктели, свечени ручеци и слични настани, дизајнирани токму за да се изврши суптилно влијание врз новинарот, во надеж дека тоа ќе има влијание врз неговото известување, кога за тоа ќе се јави потреба“.
Подароци и лажни пријатели
Поделени се мислењата дали причина за „меката корупција“ е развојот на сѐ пософистицирани методи на влијание врз медиумите и врз новинарите, или сеопштата пауперизација на медиумите и на новинарството, односно поевтинувањето на „новинарските души“. Случаите за кои сведочеа медиумските лидери во анкетата наведуваат на заклучокот дека го има и едното и другото. Доајен на македонското новинарство, долгогодишен директор и уредник, предупредува: „Врските што новинарите ги остваруваат во текот на својата работа со јавни личности од политичкиот и од економскиот живот, им носат ситни или покрупни привилегии. И тоа е корупција“.
Искусна новинарка сведочи: „Знам луѓе кои редовно за Нова година и во други поводи, па и без поводи, редовно добиваат подароци, некои и многу скапи и мислам дека тоа е корупција“. Друг анкетиран, директор на телевизија, се потсетува:
„Имаше еден таков случај, но не го сметам за класичен поткуп. Имаше една компанија која даваше подароци во вредност од околу 500 евра и на реакција на неколку директори на медиуми, таа пракса прекина. Новинарите ги земале тие подароци“.
Но, колку и да изгледа наивна, таа спрега може да има погубни последици по професијата. Долгогодишен новинар во дневен весник објаснува:
„Тоа е посебен тренд во последниве години. Носители на власта, директори, бизнисмени, сфатија дека треба да пријателуваат со новинарите. Тоа е со цел да се оствари позитивен контакт и да се добие наклоноста на новинарите и на редакциите. Загрижувачки е што тоа се прифаќа од новинарите. Зошто? Новинарот тргнува од резонот дека е подобро тој да оствари пријателски односи со бизнисменот или со политичарот, бидејќи неговата работа е несигурна, а пријателот секогаш има опција да го згрижи ако биде утре во неволја. Политичарите и бизнисмените се свесни за тоа и го злоупотребуваат. Има доказ дека такво нешто е етаблирано. Погледнете само колку новинари досега се префрлија од редакциите на измислени работни места во министерствата, во бизнисот, насекаде, каде што апсолутно не работат ништо, добиваат добри плати и фигурираат како некакви портпароли, советници за односи со јавноста и слично. Таа спрега е посебно загрижувачка“.
Дека близината до изворите на информации сама по себе е опасна сведочи и уредничка на медиум, претставник на влијателно новинарско здружение: „Новинари се канат на ексклузивни ручеци или вечери, кои се викаат брифинзи, а се всушност некаков облик на корумпирање. Новинарите можат да бидат корумпирани и со самата близина до изворите на одлучување. Нив им импонира блиску до премиерот, да имаат блиска комуникација со носителите на економска и политичка моќ и самата близина е начин на кој новинарот го губи интегритетот, често се самоцензурира“.
Се чини дека и кај помладите новинари е развиена свесноста за овој проблем. Помлада новинарка сведочи: „Има понуди за скапи ручеци, вечери… Во вакви случаи, новинарот треба да направи разлика, да ја процени ситуацијата. Може да прифати брифинг на кафе, но не мора да е тоа некој скап ручек или вечера. Затоа што во таков случај, тој што е на другата страна го купува новинарот, го прави наклонет“.
Донеси реклама, имаш процент
Сопствениците на медиумите и уредништвата често ја користат блискоста на новинарите со изворите на информации, посебно на оние од бизнис секторот, па на новинарите им даваат задачи да обезбедуваат реклами и пи-ар објави за медиумот. Некои за тоа добиваат и соодветни награди. Затоа, едно од прашањата што им го поставуваме на медиумските лидери кои учествуваа во анкетата гласеше вака – дали сметате дека тоа е практика која поттикнува корупција? Добивме различни одговори.
Искусна новинарка од една скопска редакција сведочи: „Да, јас сум го правела тоа. Во сите медиуми, а сум работела во пет-шест медиуми. Не мислам дека е тоа корупција, тоа е еден вид помош за медиумот“. Нејзина млада колешка додава: „Тоа кај нас се смета за нормална практика, не се смета за корупција“.
Дека оваа пракса е широко распространета во македонските медиуми сведочи и највозрасниот и најискусниот меѓу анкетираните, долгогодишен директор и уредник:
„Јас работев во таков медиум, во кој беше правило кој ќе донесе реклама да добие процент. Ми беше понудено и мене да го правам истото, но јас не го знам тој занает. Но, имаше уредници околу мене кои работеа така и заработија и автомобили и станови“.
Долгогодишниот новинар од дневен весник, кој веќе беше спомнат, има тврд став за ова прашање. „Во еден весник каде што работев порано, новинарите дури се стимулираа да бараат реклами. За возврат им беа ветувани 3, 5 или 10 отсто од рекламата. Тоа е неприфатлива практика“. И млада новинарка од една редакција има слично мислење: „Таквата пракса може да поттикне корупција. Сум била сведок кога уредник може на сопствена рака да направи пи-ар текст и за возврат да добие надомест. Имало случаи кога главен уредник, за да добие бенефиции за изградба на куќа, забранува да се објавуваат во лош контекст текстови за една институција“.
Новинари на платни списоци на компании
Анкетата на Истражувачкиот тим на Член 16 покажува дека е тенка линијата меѓу она што се смета за прифатливо поведение или своевиден бениген клиентелизам и „тврдата корупција“. Со други зборови, суптилните притисоци кои сметаат на економската ранливост на новинарите лесно можат да се претворат не само во класичен поткуп, туку и во стандардно присуство на новинарите на платните списоци на некои компании. Најчесто се спомнуваат банки, моќни фирми, па дури и министерства.
Искусна новинарка сведочи за своја колешка:
„Знам за една таква новинаркa, не директно, индиректно. Била најдена на еден список. Кога платите беа 20.000 денари, таа примала 100.000 денари, а разликата доаѓала од едно министерство“.
Повеќето од анкетираните сепак се внимателни кога сведочат за вакви искуства, нагласувајќи дека до нив допреле главно шпекулации и озборувања, но не и конкретни факти. Сепак, како што предупредуваат сите, за оваа пракса наголемо се зборува, а како што вели народот – каде што има чад, таму мора да има и оган.
Како пример за тоа дека шпекулациите знаат да се потврдат и како вистини, еден од анкетираните потсетува на случајот „Фабрика“, во време на владата на Владо Бучковски, кога група новинари беа разоткриени дека биле ангажирани тајно да работат на пи-арот на владата, во посебен објект и на посебен начин. „Фабрика“ е еден од случаите на корупција во македонското новинарство кој беше целосно расветлен.
(Читајте во петтото продолжение: Те носат на платени службени патувања да фалиш, а не да критикуваш!)