Одговорот на прашањето колку и самите новинари поттикнуваат корупција, или дури и самите се служат со рекетарски методи, неминовно почнува со прашањето колку нивниот економско-социјален статус е фактор на одбрана од корупциски притисоци. Во последните десеттина години дојде до значајно опаѓање на економската моќ на македонските медиуми, до осиромашување и намалување на редакциите и до релативно опаѓање на новинарските и на уредничките плати во споредба со просечните во земјата. Ако некогаш новинарските плати држеа чекор со просечните, денеска просечната македонска плата од околу 400 евра е недостижна за голем дел од новинарите, посебно за тие од помладата генерација.
Токму затоа, едно од прашањата што ги постави Истражувачкиот тим на Здружението на граѓани Член 16, во интервјуата со дваесет македонски медиумски лидери, сопственици или претставници на сопствениците на медиумите, уредници, новинари сениори и новинари јуниори, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, беше следното – дали вашата плата и статус (редовно вработен или не) се соодветни за да се сметаат за фактор на намалување на Вашата подложност на корупциски притисок; колкава треба да биде денес просечната плата на еден новинар сениор (со стаж поголем од 5 години), за да се смета дека таа ја намалува подложноста на корупција?
Платите на новинарите се мизерни
Она во што се согласуваат сите анкетирани е дека минималната плата на новинарот во Македонија не смее да помала од 500 евра месечно. Искусен и долгогодишен новинар, кој веќе имал искуство со понуда за поткуп од политичка парија, категорично вели: „Со плата помала од 500 евра, не може да се смета дека новинарот е имун на корупција“. Помлада новинарка додава: „Подобро да е новинарот да биде задоволен со своите примања, за да не да биде под искушение да прифаќа непристојни предлози“. Нејзина поискусна колешка има потврд став: „Платата е болно прашање. Платата и статусот не ми се соодветни, но не се фактор за одлучување, барем кај мене. Но, платите на новинарите се мизерни. Тие и опаѓаат. Кај нас плати од по 1.000 евра, какви што има во соседството, немаат ни колеги со големо искуство. Не смее да се помисли на плата помала од 500 евра“.
Искусeн новинар и уредник, претставник на едно од новинарските здруженија, го отвора и прашањето на целокупниот статус на новинарот. Тoj вели:
„Не е само висината на платата таа што е битна, туку и стабилноста и социјалната и економската ранливост на новинарите и уредниците во однос на оние кои одлучуваат. Многу пати во минатото и сега сме виделе луѓе кои имаат многу високи плати и имено стравот дека ќе ги изгубат ги прави подложни на корупција. Сѐ додека уредничките функции се доделуваат од сопствениците, тие ќе бидат последната алка во менаџерскиот синџир, а не први меѓу еднаквите во новинарскиот дел. Просечната плата на еден новинар во секој случај би требала да биде минимум над 500 до 600 евра, поткрепена со договор на неопределено време“.
Според очекувањата, сопствениците и менаџерите имаат различно мислење. Сопственик на медиум интервјуиран во анкетата вели дека „најголеми неработници има во медиумите“. Директор на телевизија додава: „Платата нема врска. Прашањето за подложноста на корупција има врска со домашното воспитување. А и кој вели дека стажот е гаранција за квалитет? Платата не треба да биде предмет на уравниловка. Треба да се гледа и финансиската моќ на медиумот. Како и да е, за квалитетни сениор новинари, платата мора да биде од 25.000 до 30.000 денари“.
„Нема таква плата што спречува корупција“
Дел од анкетираните медиумски лидери потсетуваат дека во единствените два судски процесуирани случаја на медиумска корупција се инволвирани уредници со огромни плати и дополнителни примања. Уредник на дневен весник, кој имал примамливата коруптивна понуда на лесен начин да дојде до стан, вели:
„Уредниците на Сител Драган Павловиќ Латас и Ивона Талевска беа меѓу најплатените новинари во Македонија, токму во моментот кога се случува нивното најголемо корумпирање со тендери во кои заработуваат износи незамисливи за новинарската струка. Затоа и мислам дека е беспредметно да посочам плата која би била соодветна за новинарот да не биде подложен на корупција – нема таква“.
Ако навистина нема таква плата што би можела да биде сигурна брана од коруптивни притисоци, кои се тогаш факторите што влијаат на поведението на новинарите? Анкетираните ги спомнуваат карактерот, дигнитетот, желбата да се сочува образот и слично. Малку се зборува од можноста органите на прогонот да истражуваат случаи во кои новинарите се јавуваат во улога на „рекетари“, па тоа да дејствува како фактор на одвраќање.
Како што е познато, во нашата судска пракса во последните години се води еден таков случај, против новинарот Зоран Божиновски, во аферата „Шпион“. Случајот сѐ уште е далеку од финална развршница, а и самиот по себе е контроверзен. Имено, има сериозни наводи и предупредувања дека можеби станува збор и за политички монтиран случај, во кој новинарот е во улога на жртва. Од тие причини, го нотираме случајот, со нагласка дека секакво влегување во материјална расправа до правосилната судска пресуда, е неумесно.
Но, за интересен случај за обид на новинар да изнуди пари за себе сведочи анкетираниот директор на телевизија. Тој раскажува:
„Во нашата редакција имаше еден таков случај. Пред четири години, замолив еден наш новинар да си замине, затоа што вршеше рекет врз еден функционер, директор на една агенција. Директорот на таа агенција ми се јави и ми кажа дека новинарот барал пари за реклама на еден вид негово превозно средство. Јас прво не можев да поверувам, но подоцна видов дека во прилогот новинарот поставува прашања кои се конклузивни. Го викнав и го прашав дали сака да си оди самиот, или да добие отказ. Си замина“.
Новинарскиот рекет зема замав
По појавата на цела една гама лажни интернет медиуми (човек-медиуми) и т.н. инфлуенсери на социјалните мрежи, се чини дека рекетот добива замав. Во разговорите со интервјуираните, но и со други новинари, Истражувачкиот тим на Член 16 доби сознанија практично за секојдневни обиди на новинари и парановинари да изнудат пари и привилегии од најразличен вид.
Така, неодамна, сопственикот на една компанија која се занимава со дистрибуција на одреден вид производи, добил понуда од еден интернет медиум да му „направат“ интервју, за определен надомест. Откако човекот ја одбил понудата, медиумот објавил текст со директни напади врз компанијата. На ова, тој возвратил со демант, кој, пак, е уредно објавен. Сепак, направена е штета врз угледот на компанијата. А за угледот на медиумот изгледа и онака никој не водел сметка.
Ваквите случаи денес во Македонија се новинарско секојдневие. За жал, како што вели една искусна новинарка во анкетата, „новинарите денес стануваат сѐ попоткупливи и често се продаваат и за обичен ручек или дружење, а камоли за нешто повеќе од тоа“.
(Читајте во четвртото продолжение: „Ориентални танчерки се нафрлија врз нас новинарите – кој може да одолее?“)