Многу се зборува, малку се знае. Со овие неколку збора, долги години, во периодот на транзиција на македонското општество, сѐ до последната деценија на авторитарно владеење, се опишуваа корупциските притисоци врз новинарите и врз медиумите во Македонија. Ретки беа случаите кога јавно се зборуваше за класичен поткуп и за други, посуптилни притисоци во оваа чувствителна област.
По емитувањето на нелегално снимените разговори меѓу познати јавни личности, од страна на СДСМ (т.н. „бомби“), двајца познати македонски новинари беа осомничени и обвинети за дела кои можат да се сметаат за тешки облици на корупција. Станува збор за познатите новинарски имиња Драган Павловиќ Латас и за Ивона Талевска. Во обата случаја, Специјалното јавно обвинителство се обидува да расплете корупциски афери во кои се инволвирани компании во сопственост на двајцата уредници или на нивни најблиски роднини. Со оглед на фактот дека процесите се во тек и нема правосилни судски пресуди, заради презумпцијата на невиност, во оваа анализа ќе биде изоставен подетален приказ на случаите.
Интересно е да се нагласи дека по ова разоткривање, се чини дека во новинарската заедница почна посмело да се зборува за корупцијата во медиумите. Истражувачки тим на Здружението на граѓани Член 16, во рамките на проектот „Лидери во борба против корупцијата – развивање иновативни алатки за борба против корупцијата во медиумите во Република Македонија“, спроведе интервјуа со 20 сопственици или претставници на сопствениците на медиумите, уредници, новинари сениори и новинари јуниори, за да дојде до искази кои ја опишуваат објективната ситуација.
Шокантни сведоштва
Интервјуата се водеа врз основа на стандардизираните прашања, а на интервјуираните им се гарантираше анонимност, со тоа што заради потврда на веродостојноста на истражувањето, на поддржувачот на оваа несекојдневна анкета му е доставен список на анкетираните лица, со обврска нивните имиња да ги чува во доверливост. Вреди да се каже дека многу од интервјуираните новинари беа спремни да сведочат и јавно, со име и презиме, но заради потребата да се опишат реални ситуации од нивното искуство и сосема слободно да изразуваат сопствени мислења и ставови, Истражувачкиот тим инсистираше на анонимност и на интервјуираните и на субјектите кои се спомнуваат во нивните искази.
Прв впечаток на истражувачкиот тим е дека во интревјуата слушнавме шокантни сведоштва и за лични искуства на корупциски притисоци, но и за ситуации во кои интервјуираните биле директни или индиректни сведоци на корупциски шеми. Исказите ги надминуваат сите претпоставки за она што објективно се случува „на теренот“, далеку од очите на јавноста, а сепак со многу големо ерозивно влијание и врз медиумите и врз јавниот интерес.
Можно ли е уредници и новинари да биле поткупувани со станови и со автомобили? Можно ли е да се понудувани конкретни суми на мито, за да се истражува или да не се истражува? Можно ли е новинар физички да бил нападнат, како опомена да престане да истражува на одредена тема? Можно ли е новинари да биле поткупувани со ексклузивни туристички аранжмани? Има ли новинари на платни списоци на моќни компании? Можно ли е еден таков список да постоел и во Министерството за внатрешни работи? Од друга страна, можно ли е корупцијата да зела толку силен замав, што има и новинари кои самите бараат поткуп, односно рекетираат? И конечно, можно ли е ваквите случаи да се масовни?
Судејќи според исказите на анкетираните, кои детално ќе ги презентираме во наредните продолженија од оваа анализа, ситуацијата е полоша од претпоставката со која влеговме во анкетата. Сведоштвата покажуваат дека македонските медиумски лидери се свесни за сите директни и индиректни облици на корупција, вклучувајќи ги и најсуптилните методи на влијанија од коруптивна природа.
Што е сѐ корупција?
Така, долгогодишен новинар, уредник и претставник на едно од влијателните новинарски здруженија, вели: „За мене, симптом на корупција во медиумите е секакво однесување на новинарите и на уредниците коешто оневозможува новинарите и медиумот да работат во јавен интерес, на сметка на интересите на одредени економски или политички групации и центри на моќ“.
Негов колега, долгогодишен уредник во дневен весник, го прифаќа ова широко разбирање на поимот корупција и прецизира: „Под корупција подразбирам примање на одредени материјални или нематеријални услуги, привилегии или користи од страна на медиум, новинар или уредник, како награда за непринципиелно вршење на неговата новинарска работа при известување или неизвестување за настани и состојби кои се од интерес на иницијаторот на корупција – фирми, институции или поединци. Цел на коруптивниот однос може да биде и одредено фаворизирање, привилегиран третман на одреден субјект, негов производ, политичка понуда, и слично, или формирање на одредена слика во јавноста за него. Исто така може да биде предмет на корупција негативно известување и портретирање на одредени личности, фирми, производи, во интерес на инспираторите на корупцијата, најчесто конкуренти, ривали, политички противници и слично. Врв на коруптивното дејствување е свесно изнесување невистини, клевети или манипулирање со полуинформации, во штета на една, а во интерес на друга личност, правно лице, институција или политички или економски центар на моќ“.
Позитивно изненадува што македонските медиумски лидери – а во нашата анкета беа застапени познат сопственик на медиум, актуелен директор на телевизија со национална концесија, неколку уредници, двајца поранешни истакнати уредници и директори на медиуми и неколку сениори и јуниори новинари и медиумски работници – на македонски терен темелно ги препознаваат сите облици на коруптивни притисоци за кои стана збор во анализата на светските искуства, што ја објавивме во рамките на овој проект.
Има дури и иновативни тези. Така, директор на една од најпопуларните македонски телевизии, вели:
„Корупција е и кога одредена редакција крие вест. Причината за тоа може да биде и банална - пријателска или роднинска врска, да речеме. Во обратната насока, корупција е и појавување на вест која никако не би смеела да биде објавена, ако се почитуваат стандардите на она што е вредно да се објави“.
Необична теза развива поранешен директор и уредник на неколку медиуми: „Има и една друга појава кај сопственици, главни уредници и влијателни новинари, кои ги користат своите медиуми за промоција на свои лични ставови. Ја имаат таа привилегија, бидејќи секој ден можат да напишат отворено писмо, да се обратат до некого и слично, за разлика од нас, кои сме на другата страна, во позиција на читатели, гледачи, консументи. И тоа на некој начин е корупција, иако мислам дека моќниците во тие медиуми и не се свесни за тоа дека на таков начин влијаат врз кадровски политики, предизвикуваат оставки на некои функционери, форсираат други луѓе на тие позиции, вршат јавен притисок и слично“.
Каде е кабаетот – кај новинарите или кај уредниците?
Она за што нема целосна согласност меѓу анкетираните е во кои сектори во медиумите корупцијата е најприсутна. Анкетираните новинари, а особено оние од помладата генерација, посочуваат главно на сопствениците и на уредниците, како извори на коруптивните притисоци. „Лично никогаш не сум била подложена на коруптивен притисок, но во интерес на сопственикот и во интерес на уредникот, од мене се барани услуги“, сведочи млада новинарка. Искусна новинарка од дневен весник го надополнува овој исказ со свое сведоштво: „Во медиумот во кој работев, газдите примаа пари и добиваа награди и привилегии од партијата на власт, а ние моравме да пишуваме тоа што ќе ни кажат“.
Интересно е дека и долгогодишен сопственик и уредник на познат медиум, директно сведочи за ваквите притисоци врз сопствениците:
„Во мојата кариера имало случаи на такви притисоци, особено ако сме откривале скандали, па сме биле пред големи откритија. Јас се сеќавам на три или четири такви случаи. Следува понуда каква што сакаш. Јас сум горд на себе што не сум потклекнал во таквите ситуации. Пари не сум зел. Но, работата е морковот и стапот. Прво ти се нудат поволности, погодности, патувања... Тоа е морковот. Кога нема да го исполните барањето, следуваат закани, пораки преку пријатели и слично“.
Но, има и мислења дека корупцијата во нејзините најсофистицирани и најопасни облици умее да „притиска“ и во обратна насока, од дното на пирамидата кон врвот. Веќе спомнатиот директор на телевизија вели: „Во Македонија најопасниот стил на корупцијата е кога има директно влијание врз новинарите, не врз сопствениците и уредниците“. Можеби затоа неговиот колега доајен настапува со тезата дека заштитата на интегритетот на редакциите треба да тргне имено од дното на пирамидата кон врвот – новинарите се првата брана на корупцијата, вториот бедем се уредништвата, а последниот се сопствениците. Логиката на оваа теза е новинарите, всушност, да развиваат еден нов антикорупциски менталитет во македонските медиуми.
(Читајте во второто продолжение: „Ми понуди стан, требаше само да го бранам од градежната инспекција“)