Јасно дефинирање на терминот судир на интерси и стриктни критериуми кога оваа состојба преминува во корупција, ќе придонесат многу во спречување на злоупотребата на јавниот интерес во приватни цели. Но при тоа, јасно треба да се каже дека корупцијата е голем проблем против кој треба радикално да се настапува, а не парцијално да се сузбива. Ова беше констатиртано на денешниот форум на тема „Судирот на интереси во власта- тенката линија до корупцијата“ организирана од Транспарентност Македонија во соработка со НВО Инфоцентар.
Дискутантите беа едогласни дека судирот на интереси не е корупција, но под одредени услови кога нема да се пријави и да се менаџира, може да прерасне во корупција и затоа се потребни јасни критериуми кои треба да бидат дефинирани во секој сектор и посебниот закон.
– Целта не е да се забрани се што е поврзано со јавната личност, туку да се спречи неговиот приватниот интерес да го загрози јавниот интерес односно да го оневозможи непристрасно да ја врши функцијата – вели Вања Михајлова, која работеше на новиот закон за спречување на корупцијата и судирот на интереси кој е во собраниска процедура.
Според неа, колку и да биде добар законот, потребна е волја тој да се спроведе и уште повеќе членовите на Антикорупциската комисија да имаат интегритет.
– Важно е кои се членови на комисијата, но не е важно колку членови ќе има таа иако за измената направена под политички притисок од пет на седум члена имаме забелешка од Европската унија кој предвидува дека со ваков број ќе има можност за политичка злоупотреба на комисијата – рече Михајлова.
Според министерот задолжен за отчетност и транспарентност Роберт Поповски, Владата е посветена на сеопфатна високоприоритетна акција за елиминирање на корупцијата на сите нивоа и во сите јавни институции, со цел спречување на коруптивните практики, непотизмот, политичкото фаворизирање и конфликти на интереси.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, кој изминатите месеци често беше посочуван како личност која има судир на интереси поради задолжувањето во владата и поседувањето удели во компании, смета дека треба јасно да се дефинираат работите и да се спречи нефункционалноста на економијата.
-Тоа значи под политички чадор да се креираат компании и бизниси што и прават штета на економијата. Кога ќе креирате компании специјално за да добијат одредени државни работи се прави двојна штета. Првата штета се прави моментално, бидејќи се спречува конкуренцијата и се попречуваат компаниите што се кадарни да ја добијат и завршат таа работа, а се фаворизираат други компании што се под политички чадор, а втората откога ќе се поблече политичкиот чадор. Тогаш компанијата се затвора, а нејзините конкуренти ја изгубиле работата – рече Анѓушев.
Претседателот на Стопанската комора Бранко Азески, пак, отворено кажа дека не е задоволен од новото законско решение и дискусијата оти сѐ уште не се говори отворено за проблемите. Смета дека корупцијата е голем проблем за државата и треба радикално а не парцијално да се сузбива.
– Ние знаеме кој е корумпиран и каде е корупцијата. Еве предлагаме да ги укинеме Управните одбори во јавните претпријатија. Таму се членува само за да се крене рака и да се вртат парите- рече Азески.
Тој побара Европската унија да ја помогне државата да изгради систем за борба против корупцијата зашто, како што рече, тука сме немоќни.
На форумот учествуваа и претставник од Делегацијата на ЕУ, Фрик Јанмаарт, Ана Јаневска-Делева од Транспарентност Македонија и Билјана Бејкова од НВО Инфоцентар.