Реални внатрепартиски несогласувања за политичкото дејствување на ЛДП или неуспешна битка за превласт во партијата, е дилемата откако пратеничката и противкандидатка на Горан Милевски, Никица Корубин, не доби доверба да ја води партијата и најави дека ќе дејствува самостојно во Парламентот.
Таа утрово го информирала претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека ќе дејствува како независна пратеничка од ЛДП, а во партијата како фракција. Корубин во изјава за Плусинфо излезе со серија обвинувања до реизбраниот претседател Милевски и во врска со партискиот Конгрес, но и за дејствувањето на лидерот во рамките на владеачката коалиција.
Корубин вели дека одлуката да дејствува како независна пратеничка нема да промени ништо во рамките на коалицијата со СДСМ. Таа негира дека се решила на ваков чекор откако ја изгубила битката да го наследи Милевски на претседателската позиција во партијата.
– Две години траат внатрепартиските несогласувања, но досега не излегов јавно бидејќи државата е во чувствителен процес. Нема одговор зошто го избрзаа Конгресот, кој редовно требаше да се одржи на 1 февруари. За мене тоа беше неприфаливо бидејќи сметав дека целата енергија треба да се насочи кон уставните измени. На Конгресот кажав дека ако ме изберат за претседател ќе се залагам да се формира ад-хок работна група за да ја стабилизира партијата и во рок од шест месеци до една година јас ќе поднесев оставка и ќе се одеше на Конгрес. Но го избрзаа Конгресот и немавме ниту време да се претставиме пред делегатите – вели Корубин и за ова, го обвинува претседателот Милевски и Извршниот орган на партијата.
Таа додава дека не е сама оваа битка и дека допрва ќе има внатрепартиски превирања. Корубин жестоко го критикува Милевски и за неговото дејствување во владината коалиција.
– Не се согласувам со јавните настапи на Милевски во кои ја критикува Владата, а ЛДП е дел од власта. Критиките на Милевски кон Владата се само неприфаќање на одговорност, бидејќи ЛДП е власт, и е само собирање на политички поени. И изјавата на Милевски дека нема да гласа за амнестија на дел од обвинетите за 27 април, е негов личен став, а не став на ЛДП, бидејќи за ова нема одлука на партиските органи. Влезезни сме заедно во процесот на помирување и амнестијата е само дел од тој процес – вели Корубин.
Таа ја повика сопартијката и пратеничка Јулијана Николова да се изјасни како ќе гласа за амнестијата.
За Милевски нема ништо спорно за одржаниот Конгрес.
– Делегатите го кажаа својот збор кога гласаа 294 спрема 31 за мој реизбор за лидер на ЛДП и јасно кажаа кому ја даваат довербата да ја води партијата. Кој губи има право да се лути. И јас и Корубин имавме еднакво време да се претставиме пред делегатите. Жално е ако членовите допрва требало да ја запознаат Корубин. Сме претрпеле удари и од позначајни фактори од Корубин – вели Милевски.
Тој додава дека иако е дел од власта и натаму јавно ќе ја критикува кога нема да се согласи со некои нејзини потези.
– ЛДП воведе нов принцип на демократско однесување, односно тоа што не ни се допаѓа го критикуваме, за да се обидеме да спречиме поголема штета, како што сметам дека е во случајот со амнестијата. Јас не молчев во времето на ВМРО-ДПМНЕ, нема ни сега – вели Милевски.
Тој додава дека ЛДП никогаш не им неметнувала ставови на своите пратеници и дека така ќе биде и во иднина.