Корона од Али Експрес

Освен мерењето телесна температура на патниците кои слетуваат на скопскиот аеродром, не би било лошо периодов да се активира и забрана за купување кинески производи од Али Експрес и од останатите онлајн-продавници.

3116

Земјава ги активираше термалните камери на скопскиот аеродром, кои треба да ги детектираат патниците коишто се носители на опасниот корона вирус.

Од Министерството за здравство потврдија дека се во чекор со препораките на СЗО и дека земјава е подготвена дури и за најлошото сценарио.

И тоа е добро да се слушне, особено ако се земе предвид фактот дека важиме за народ, кој, дури и по една сомнителна кивавица знае да си ги спакува куферите и да се сокрие во најдалечната и најтемната пештера.

Но, шегата настрана, Короната ни докажа дека е многу поопасен од кој било друг вирус за кој досега имаме слушнато. Короната ни покажа дека нема милост ни за старо, ни за младо, ни за машко, ни за женско. Короната ни испрати јасна порака дека нема лесно да се справиме со него.

Зошто?

Затоа што напаѓа онаму каде што никој не очекува. Затоа што се пренесува респираторно и затоа што е заразен уште во фазата на инкубација, што го прави потежок за изолирање.

Или, во превод, ако јас сум инфициран од тој вирус и ако допрам еден предмет во вторник, тоа значи дека и ти ќе бидеш инфициран ако го допреш истиот предмет дури во петок.

Па затоа, освен мерењето телесна температура на патниците кои слетуваат на скопскиот аеродром, не би било лошо периодов да се активира и забрана за купување кинески производи од Али Експрес и од останатите онлајн-продавници.

Оти, нели, ако заразениот продавач Кинез ви ја спакувал и ви ја испратил пратката во вторник, тогаш големи се шансите и вие да бидете инфицирани кога ќе ја отпакувате во петок. Не знам јас, ама да не испадне после дека самите сме си го купиле вирусот за половина евро, без шипинг.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...