Корона комуникација

2037

Уште пред повеќе од еден месец, Светската здравствена организација (СЗО) посочи дека можеби поголем предизвик или проблем во борбата со корона вирусот е борбата со теориите на заговор и лажните вести.

Оттогаш, веќе се случи и конкретна соработка помеѓу Google и СЗО со цел превенирање на ширењето на дезинформации и другите полукредибилни и непроверени информации кои ја шират „болеста“ на 21 век – стравот кој понатаму прераснува во стрес и оневозможува рационално размислување.

Секогаш се трудам да пишувам отворено, тоа ќе го направам и сега. И јас, како и сите останати, сум исплашен од корона вирусот и можните последици, но во исто време одбирам да ги следам и да им верувам на официјалните информации на национално и светско ниво. Со други зборови, јас не сум од оние кои ги почитуваат муабетите од типот „на другар тетка му, на нејзин прв братучед сваќата слушнала од човек што работи во министерството дека…“. Си го сакам, па на овој начин се трудам да го чувам своето ментално здравје.

Помеѓу енормниот број информации кои стигнуваат до секој од нас и официјалните податоци, јас избирам да верувам во институциите. И од старт да кажам за да остане тука запишано. Во вакви кризни ситуации и во иднина ќе избирам да верувам на официјалните домашни и странски информации и институции, независно кој е кога на власт. Дополнително, јавните институции во фрагилните демократии како нашата, за време на криза добиваат прилика да се испрофилираат како натпартиски, да се осамостојат и да изградат кредибилитет на натпартиски институции.

Колку и ова да е тешко во едно вакво кампањско и исполитизирано време во кое секоја партија се бори за глас повеќе. Мора да се издржи и да се успее. Затоа што институциите се наши, на граѓаните, независно кој е на власт или кој ќе биде на власт!

Во делот на функционирањето на институциите би дал во оваа прилика само две препораки од мојот домен на специјализација, односно во делот на односите со јавноста и новите медиуми.

Прво, во извештаите кои Министерството ги испраќа до медиумите уште веднаш да се додаде статистика за број на излечени пациенти со корона вирус кај нас, во регионот и во целиот свет. Ако не се нудат ваквите бројки секојдневно, сосема логично и за очекување е јавниот дискурс и понатаму доминантно да биде насочен само кон бројот на новозаразени и жртви од корона вирусот. Токму, посочувањето на сите факти се најдобрата алатка во борбата против стравот и паниката.

Втората препорака се однесува на стратешкото поставување на нашето општество за можна ескалација на корона вирусот, односно носење на потребно брзи, но истовремено издржани, осмислени и стратешки потези.

Во ситуација во која веќе не се одржуваат јавни настани и собири, а се отворени секакви идни сценарија, конечно е време институциите да ја согледаат и целосно применат вистинската улога на дигитализацијата.

Имено, за дигитализацијата зборуваме многу, имаме различни мислења околу тоа дали процесот на „интернетизација“ е позитивен или негативен… Но, ова е идеална шанса да разбереме и се погледнеме очи во очи со дигитализацијата која во евентуални кризни состојби може да го извлече нашето општество, но и светските економии од многу поголеми рецесии, губење на работни места…

Во продолжение, еве неколку хипотетички сценарија и важната улога на дигитализацијата во таквите случувања:

Доколку се забрани настава на училиштата и факултетите, потребно е организирање на онлајн настава. Во истите временски периоди, на истите предмети и теми, само дигитално. Дајте на мобилните и таблетите да им го покажеме вистинското образовно значење. Напоменувам дека ова значи дека пристапот до интернет треба да биде обезбеден до сите и тука институциите треба да бидат особено подготвени да секој има пристап до образовните содржини.

Дигитализирани услуги на државните институции кон граѓаните. Веќе функционира порталот uslugi.gov.mk што е позитивен пример. Но, ова треба да биде и поттик веднаш, во следниве недели и месеци да се направат функционални и достапни буквално сите јавни услуги онлајн. И тоа, на централно и на локално ниво на управување.

Работа на административните службеници во јавниот и приватниот сектор. Голем дел од административните службеници во светот имаат флексибилно работно време, што подразбира дека може да работат од своето работно место или во парк, кафуле, од дома, од друга држава и слично. Единствено важно е да се заврши работата со која се заработува месечната плата. Не гледам причина зошто флекс работното време пополека да не се воведува и кај нас, а особено важна улога ако дојде до забрана за собирања и работа во големи средини. Работата може да се сработи, а состаноците, средбите, па дури и меѓудржавните самити и состаноци можат да се прават преку интернет конференциските врски. Функционерите можат да одржуваат состаноци со граѓаните и соработниците преку Скајп, Вибер, Ватсап или да разговараат и комуницираат преку социјалните медиуми. Односот со медиумите никако не смее да се врaќа назад и да се менува на полошо, напротив, ваквата состојба треба само да ја зајакне нивната улога. Институциите ќе држат онлајн прес конференции со можности за јавни прашања и коментари на кои ќе одговараат, соопштенијата секако веќе се испраќаат преку интернет, а граѓаните ќе можат да станат вистински поддржувачи на новинарите од теренот. Последново денес е лесно остварливо, особено со масовното користење на мобилни телефони кои истовремено се и камери, фотоапарати, но и микрофони со висок квалитет.

Дигитална нарачка на намирници и други неопходни работи во домаќинствата. Зајакнување и поддршка за ваквите сервиси кои можат да бидат повеќе од неопходни во кризни ситуации и чиј број ќе мора рапидно да порасне. Секако доставата ќе ја вршат луѓе кои е неопходно да бидат целосно заштитени и обезбедени со цел да не можат да се заразат или да пренесат зараза.

Обезбедување на онлајн литература, музика, како и дигитални содржини за деца и млади на сите јазици. Овој процес од поодамна каска во нашето општество, но токму заканата од корона вирусот треба да неѐ мотивира и забрза да направиме конкретни активности на овој план.

Онлајн препишување на редовна терапија. Покрај редовните контроли или прегледи кои секако дека не може и не треба да се заменат, навистина е непотребно мешањето на болни и здрави пациенти во амбулантите. За таа цел отсега, но и за во иднина, мора да се изготват електронски здравствени картички преку кои дигитално ќе можат да комуницираат докторите и пациентите, односно редовната терапија да може да се препишува онлајн, па дури и подига од места на кои не може да се шири било каква зараза.

Ова се само дел од симулациите колку и зошто ќе ни биде неопходна дигитализацијата во случај на посериозни мерки на претпазливост и ограничувања на движењето поради корона вирусот.

Секако дека одредени професии ќе биде неопходно да продолжат да функционираат. Но, тоа значи дека институциите ќе мораат да водат грижа и да им помогнат на вработените, но и на компаниите со цел тие и целото општество да биде целосно заштитено.

Економијата е важно да функционира. Неопходно е, бидејќи во спротивно ќе се соочиме со многу поголема опасност од корона вирусот. Но, истовремено, здрава економија може да имаме само со безбедни и заштитени граѓани.

Ајде, да покажеме дека сме сите на ниво на задачата и новите предизвици. Особено институциите!

(авторот е специјалист за односи со јавност и нови медиуми)

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...