Од 12 до 16 мај би требало да го следиме 65. натпревар на песна на Евровизија во Ротердам, Холандија, но ширењето на коронавирусот го доведува во прашање и овој музички настан, откако веќе се одложени спортските натпревари во Европа.
Холанѓаните се овогодишни домаќини благодарение на победата на Данкан Лоренс со песната „Arcade“ на претходниот избор и ова треба да биде петти пат кога се одржува натпреварот во таа земја, првпат од Евросонгот во 1980 година.
И додека многубројни обожаватели на оваа музичка манифестација ги одбројуваат деновите до Евросонгот, холандските медиуми велат дека е под знак на прашање дали воопшто ќе се запее.
– Ако дотогаш не се контролира ширењето на вирусот, не би било паметно да се донесат толку многу луѓе на едно место. Треба да размислиме за тоа и да го ставиме здравјето на прво место, а самите организатори се свесни за овој потенцијален проблем. Можно е вирусот да се шири побрзо и поефикасно во зимските месеци заради природата на заразата и дека веќе ќе ситуацијата ќе биде подобра во мај, но во моментот ситуацијата е многу сериозна и многу манифестации ќе мора да бидат откажани – изјавил тамошниот виролог Аб Остерхаус за холандските медиуми.