Седи Груевски во Будимпешта и по цел ден врти телефони во Скопје. На некои им дава инструкции, на други им се правда и извинува, на трети уште им ветува. По некој од тие разговори мора да е и непријатен, оти многумина зацрни и од оние кои мислеа дека луѓе ги направи.
Ќе биде така уште неколку месеци, а потоа од овде сè поретко и ќе му креваат телефон. Што ново ќе им каже, за што да ги лаже? Полека и темите и соговорниците ќе се проретчат, сеќавањата ќе бледнеат, митот ќе се распадне… Ќе му остане семејството, ама и ним ни на родендени ни на свадби ни на слави ни на погреби не може да им дојде. Далеку од очи, далеку од срце, скајп е само утеха за имитација на живот.
По извесно време, ќе мора да си го реши постојаниот смештај таму. Орбан сега и го вдомува и го обезбедува, но ни тој нема да биде вечно на власт во Унгарија, а и нему, во најдобар случај, наскоро ќе му стане здодевен. Не е унгарската политика мед и млеко, и таму тркалото се врти, тоа барем Груевски најдобро го знае. Колку повисоко леташ, толку падот е поболен. Кога ќе му дојде време, Орбан има со голем тресок да се акне од тлото, не сум сигурен дали тој ќе има некој Орбан да го прибере некаде.
Кога Орбан ќе го снема, Груевски нагло ќе стане пригодна монета за поткусурување. Којзнае кому ќе му се види како одлична можност за да докаже дека правдата е спора, но остварлива. Можеби истите кои сега му посредувале, ќе го „спакуваат“ за 24 часа како пратка за по Али-експрес…
А и до тогаш Грујо ќе мора да внимава и каде седи и зошто баш едикојси му се јавил, на поминување, да се видат таму? Да не е провокатор или атентатор или макар некој лош аберџија? И дали од некој автобус од бројните средношколски екскурзии во Будимпешта нема некој со портокал да го гаѓа. Ако биде портокал.
Наскоро ќе добие желба да се објасни. Претпоставувам дека Васко Ефтов или вечните анонимци од Курир ќе ја имаат таа чест, а видеото ќе го кликнат стотици илјади луѓе. Ама од лајкови не се живее! Башка, што и да каже – а без целата служба и свита околу него, тешко дека ќе изведе нешто многу интелигентно – коментарите ќе бидат двојно полоши одошто овде да проговореше. Ќе летаат мајки-шајки на сите страни!
Да беше пописмен, ќе помислев дека ќе се зафати со пишување мемоари. Не е толку писмен. Се докажа како одличен менаџер, особено на луѓе, другото му е, главно, плагијат.
Добро, пари има, тоа не му е проблем. Да не се лажеме, убаво е да сте богат кога сте во бегство. Но и парите не можат да решат баш сè. На пример, ужасно е чувството на осаменост, после долги години кога сте биле центар на светот и кога народот не сте го ваделе од уста.
Седи Груевски во Будимпешта и се мисли кому следен да му сврти… Кој беше позивен за Шутка, можеби ќе може некого да утеши?
Извор: Цивил медиа