Тарковски никогаш не создаваше според најновата мода или тренд. Затоа неговите филмови се вечно млади, вечно актуелни… Тие не стареат, како делата на авторите кои пишуваат по вкусот на времето, пишува Кица Колбе во колумна за Дојче Веле.

Најсилните луѓе во животот се оние кои успеале до крајот да ја сочуваат детската увереност и интуитивна надеж“, пишува Тарковски. Детството за него е изворот од кој ја црпи творечката интуиција. Многумина  го  доживуваат како „режисер-мистичар”. Тоа не е далеку од вистината. Можеби само уште Ингмар Бергман умееше детството да го преобрази во мистична слика, особено во „Диви јагоди” и „Фани и Александар”. Длабоката мистичност на Тарковски бездруго најсилно се  пројавува во неговиот филм „Огледало“ (1974). Во едно интервју вели дека „Огледало“ е религиозен филм. Во него тој сака мислите да ги изрази само со силата на филмската слика. Навистина, во филмот „Огледало“ има големо значење и музиката на Бах. Сепак, филмската нарација е речиси целосно редуцирана на криптичноста, на таинственоста, на мистичноста на сликата.  Иако тоа противречи на буквалното значење на зборот мистично, кое првично претпоставува чин на  потонатост во себе, со затворени очи и уста. На Тарковски му успева да покаже дека и погледот што потонува во таинственоста, во затвореноста на филмската слика стигнува до нивото на мистично сознание. Затоа што филмските слики во „Огледало“ во режисерот се раѓаат во неговата свртеност кон себе и кон паметењето на детството. Тој сликите ги повикува од душата, бидејќи филмот за него треба да биде „реализација на душата“, а не на сценариото или на сижето.

Сите филмови на Тарковски се длабоко лични. Само ниту еден не е толку јасно лична исповед како „Огледало“. Во него раскажувачот вели во еден миг дека долго и постојано сонувал еден ист сон.  Во сонот тој со сета сила се обидува да се врати во тие места каде што порано бил домот на дедо му, каде што се родил. Во сонот сознава дека се  е‘ само сон. И големата радост ја помрачува  очекуваното будење! А напати се случувало да престане да му се враќа во сонот и  домот и околината од неговото детство. „Тогаш почнувам да тагувам“, вели раскажувачот. „Го чекам и не можам да го дочекам тој сон, во кој јас повторно ќе се видам себеси како дете и пак ќе се почувствувам среќен, затоа што уште е се‘  пред мене, уште е се‘  возможно.“ Како ретко кој филмски режисер, Тарковски во  „Огледало“ успева да го прикаже детството како симбол за рајот. А загубата на среќата на детството како прогонството од рајот. Изразот со кој Тарковски раскажува се  сликите, а многу помалку зборовите. Чувствата кои ги будат тие слики се недофатливи за зборот. Зборот занемува пред силината на сликата. Како што е во животот во миговите на голема радост, бескрајна среќа или спокој.  Небаре телесно чувствуваме како гледачи дека, како во сонот, и ние попусто постојано се обидуваме да го преминеме прагот. И да влеземе во светот на филмските слики во „Огледало”. Посакуваме да ги допреме, за да поверуваме дека се вистинити. Затоа што тие ни се чинат пореални од реалноста. Затоа што тие се чист копнеж по детството. Затоа што се  до болка силни слики на среќата и убавината што ја гледаат насекаде само очите на детето. Болката на детето никаде не  е толку силно изразена како во „Огледало“  – мигот кога детето се буди во ноќта и извикува „папа!“. Како што е ненадминлива сликата на  зачуденоста, полна со страв,  со која тоа дете го гледа густежот од зеленило во градината, низ кој  задувува некој чуден, моќен ветер, кој како да избликнува од некој невидлив свет. Како да  дува од рајот, кој станува далечен, иако е пред нас. Затоа што во тагата светот не е повеќе  рајот на детството. Чувството кое го сугерираат филмските слики на Тарковски во „Огледало“ е  мачно. Пејсажите се шифри за минливоста, за мигновеноста на среќата. Мачното чувство тој го опишува  преку желбата на раскажувачот во сонот да се врати во детството. Кога „нешто те влече назад, во минатото, не оставајќи  ништо во иднината пред тебе”, вели тој.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.