Копаат септички јами, а живеат во велеград

Од општината признаваат дека има населени места во кои сѐ уште има септички јами и се без водовод, но, не откриваат кои се тие и во кој период ќе ги добијат. Сепак, велат, работат на проекти со кои ќе се подобри состојбата.

1803

Жители на поголем број селски населби на територијата на општина Гази Баба се жалат дека со години добиваат ветување дека ќе добијат канализација, но се уште копаат септички јами. Од општината велат дека работaт на првата подготвителна фаза за имплементација на вакуум прочистителна станица во Јурумлери, но и на други проекти за воспоставување канализациона и водоводна мрежа на целата територија на општината.

– Се фалиме дека живееме во главниот град, ама сѐ уште копаме јами за да не ги пуштаме фекалиите по улици. Ваква е состојбата во цела општина, не само во селата. Со години нѝ се ветува канализација, ама ништо од тоа. Во Јурумлери ветија пречистителна станица. Сега велат е во подготвителна фаза. Можеби и ќе биде нешто, ама што со другите населби. Знаете селата немаат ниту чиста вода за пиење, а за канализација не станува збор – вели жител на Страчинци.

Жители од ниската зона на Раштак, пак, реагираат, оти биле издвоени од проектот за водовод на селото во високата зона.

– Не ми е јасно зошто се прават два проекти за Раштак. Горни Раштак веќе има водовод, а ние во долниот дел ќе чекаме да се направи нов проект. Зарем не е логично за едно село да има еден проект. Се плашам дека ниската зона на селото ќе остане без водовод. За канализација за сега не се зборува – вели жител од ова село.

Од општината признаваат дека има населени места во кои сѐ уште има септички јами и се без водовод, но, не откриваат кои се тие и во кој период ќе ги добијат. Убедуваат  дека работат на проекти со кои ќе се подобри состојбата, но општината имала голем број селски населби па не можела да се согледа нивната работа.

– Еден од капиталните проекти на кои се работи во општина Гази Баба, а кој е единствен во земјава е изградбата на првата вакуум прочистителна станица во Јурумлери. Моментално се работи на првата подготвителна фаза за имплементација на оваа станица, а во тек е прекопувањето на каналите со цел секое домаќинство да добие пристап до подземните канализациони инсталации и шахти. Со ова ќе се реши фекалната одводна канализација, а септичките јами ќе станат минато. Ова ќе значи решавање на клучниот проблем на жителите на Јурумлери и околината со што ќе добијат нормални услови за живеење – велат од општината.

Оттаму тврдат и дека се работи на проектот за канализација за Страчинци, а во Булачани се работи на изведба на водоводна линија и се поставуваат водомери во домовите.

– Дел од проектите кои се реализирани се и обезбедувањето на чиста вода за пиење во високата зона во Раштак, а при крај е проектот инсталирање на водовод за ниската зона во Раштак – велат од општина Гази Баба.

За потсетување сегашниот градоначалник на Гази Баба Борче Георгиевски во предизборието на локалните избори кампањата ја почна со ветување дека сите населени места во општината ќе добијат канализациона мрежа.

– Од падините на Скопска Црна Гора се обврзуваме да создадеме услови во сите рурални населени места од Дрма, Идризово, Јурумлери, Гоце Делчев, Трубарево, Брњарци, Страчинци, Виниче, Црешево, Смилковци, Булачани и Раштак да изградиме канализација. Да обезбедиме чиста и здрава вода за пиење во селата Раштак, Булачани и Страчинци – рече тогаш Георгиевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...