Ќе стане ли Максим Ацевски новиот државен ревизор? Двете најголеми партии ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ брифираат дека речиси е извесно дека попладнево на Комисијата за избори и именувања Ацевски ќе биде предложен за прв човек на Државниот завод за ревизија.
Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека тие се согласни да дадат пас за Ацевски, како ревизор кој долги години работи во ДЗР.
Во СДСМ во тек е координација пред почетокот на седницата на Комисијата закажана за 15 часот, за конечно да пресечат дали ќе го поддржат изборот на Ацевски за главен ревизор. Неофицијално од партијата на Зоран Заев велат дека начелно е договорено Ацевски да биде предложен за таа функција.
На конкурсот за нов главен државен ревизор во декември 2017 година, се пријавиле 12 кандидати, од кои големо мнозинство ревизори, кои работат во институцијата.
Државната ревизија речиси две години функционира без директор, а на 4 октомври годинава истекол мандатот и на заменикот директор, со што е оневозможено нормалното функционирање на Заводот и е доведена во прашање неговата независност.
Без директор нема да бидат во можност да ја реализираат тековната програма за работа до крај, ниту да ја донесат програмата за работа за 2020 година. Тие ќе бидат онеспособени да ги контролираат државните институции, да ги плаќаат сметките за нивните канцеларии, да добијат плати. Нема да можат да ги контролураат ниту финансиските извештаи на партиите од кампањите. А за оваа пролет веќе се најавени нови избори.