„Там дека има високи чардаци“ е насловен концертот со кој Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ ќе настапи вечер од 20 часот во Домот на Армијата.
Концертот е во рамки на одбележувањето 70 години од основањето на „Танец“ и е дел од програмата на манифестацијата „Есенски музички свечености“ која ја организира Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.
Концертот е вокално-инструментален и ќе настапат хорот и оркестарот на „Танец“, женската и машката вокална група на ансамблот и изведувачите: Габриела Новевска, Далибор Ѓошиќ, Драган Николовски, Елена Андоновска, Кирил Митоски, Сузана Спасовска, Гоце Цоневски, Петар Механџиски, Јана Ивановска-Илиоска, Кирил Спасеновски и Ристо Новевски.
Ансамблот „Танец“ е основан на 24 март 1949 година со основна цел да го собира, негува и уметнички да го надградува македонското фолклорно богатство – ората, песните, инструментите, обичаите и носиите и музичко-сценски соодветно да ги претставува во земјава и надвор од неа.
Во годината кога одбележува седум децении постоење „Танец“ имаше повеќе настапи пред домашната публика, а централниот роденденски концерт го одржа во мај во Националната опера и балет.
– Во оваа јубилејна година, „Танец“ се претстави на многубројни сцени, дома и надвор, а специјално за публиката на „Есенски музички свечености“ подготви атрактивна програма со прекрасни песни од македонската фолклорна традиција. Ќе настапи целиот вокално-инструментален ансамбл и неговите бројни солисти, кои филигрански ќе ги исполнат песнопојните бисери од нашата богата народна ризница, соопшти Дирекцијата за култура и уметност-Скопје.