Консултациите со бизнис-заедницата, реална потреба или изговор?

Прашањето кое се поставува е мошне суштинско? Дали тоа консултирање се врши само за да се почитува процедурата, сега веќе пропишана и со Методологијата за проценка на влијанието на регулативата, или пак, навистина процесот на консултации со бизнис-заедницата се спроведува заради потребата да се знае интересот на бизнис-заедницата и истиот да се земе предвид, кога се градат нови решенија, кои имаат врска со нивното работење?

315

Несомнен е придонесот на Стопанската комора на Македонија во вкупниот економски живот и во профилирањето на економскиот амбиент во државата. Таа била, е и ќе биде место каде се обединуваат и застапуваат интересите на стопанствениците, каде се презентираат и соочуваат нивните согледувања и проекти и каде се предлагаат и се изнаоѓаат решенија на прашањата и проблемите кои се неизбежни во деловното работење.

Со текот на годините, а секако, и согласно нашите постојани залагања за консултирање на бизнисот при подготовка или измена на регулативата, Комората стана една од редовно консултираните „засегнати страни“, како глас на бизнис-заедницата, при донесувањето или менувањето на прописите.

Прашањето кое се поставува е мошне суштинско? Дали тоа консултирање се врши само за да се почитува процедурата, сега веќе пропишана и со Методологијата за проценка на влијанието на регулативата, согласно која сите засегнати страни треба да бидат информирани и консултирани за прописите за кои се сметаат за „засегнати страни“ или пак, навистина процесот на консултации со бизнис-заедницата се спроведува заради потребата да се знае интересот на бизнис-заедницата и истиот да се земе предвид, кога се градат нови решенија, кои имаат врска со нивното работење?

Во практиката имаме секакви примери. Но, најмалку посакувани се ситуациите кога процедурата за консултирање на бизнис-заедницата се почитувала во смисла да се достави определен предлог-текст на регулативата, или пак да се повикаат компаниите на состанок, но од тоа да нема ниту една имплементирана забелешка, предлог или сугестија. Залагањата на бизнис-секторот за постојани консултации околу носењето на прописите не е само форма, туку и содржина. Имено, целта од таквите консултации е од интерес и за компаниите, но и за општеството во целина.

Прашањето за консултирањето на бизнис-заедницата за правната регулатива е суштинско прашање кое треба да го има предвид секој овластен предлагач на оние закони и други прописи кои може да имаат некакви импликации врз работењето на деловните субјекти. Тоа е и една од најчестите и најлегитимните заложби на Стопанската комора на Македонија, како бизнис-асоцијација, која ги претставува и ги застапува интересите на своите компании-членки.

Јасно е дека процесот на консултации во постапката на донесување или менување на регулативата не мора секогаш да заврши со успех за сите засегнати страни, но секако дека значи поголем степен на одговорност и подготвеност на носителите на државната власт да ги образложат причините за неприфаќањето на одреден предлог. Во спротивно, предлагачите на законот се соочуваат со ризикот да бидат оценети како неподготвени, нестручни, неиздржани или површни во своите ставови по одредена регулатива.

Ставовите и предлозите на бизнис-заедницата се базираат на нови идеи и иницијативи, можности и афирмирање на веќе докажаните и ефикасни решенија. Оваа значајна улога на Комората и нејзиното место во економскиот систем на државата се потпира врз нејзината стручност, оперативност, креативност и аргументираност за сите прашања од интерес на стопанството. И затоа, суштината, а не формата при консултирањето е многу позначајна димензија на овој процес.

 

(Авторката е главен советник на Управниот одбор на Стопанската комора на Македонија за правни прашања)

ИЗВОР: Стопанска комора на Македонија

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...