Глаук Коњуфца, пратеник на партијата Самоопределување, која победи на парламентарните избори во Косово, е избран за претседател на новото косовско Собрание, на предлог на партискиот лидер Албин Курти.
За изборот на Коњуфца за спикер на седмиот собраниски состав на Косово гласаа 75 од присутните 111 пратеници. Против гласаа 27 пратеници, додека шестмина беа воздржани.
За потпретседатели се избрани Арберие Нагавци од Самоопределување(ВВ), Кујтим Шаља од Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК) и Мемли Красниќи од Демократската партија на Косово (ПДК), за кои гласаа 104 пратеници, еден беше против и тројца воздржани.
Покрај нив за потпретседатели беа избрани Славко Симиќ од Српската листа и Фикрим Дамка од партиите на другите немнозински етнички заедници во Косово. За нив гласаа 92 пратеника, двајца беа против и двајца воздржани. Според косовската легислатива, местата заменик претседател им се гарантираат и на претставниците на немнозинските етнички заедници, едно на српската и едно на останатите шест – Турците, Бошњаците, Ромите, Ашкалиите, Египќаните и Горанците. На двете овие заедници им се гарантираат по десет пратеници во 120-членото Собрание.
По конститутивната седница на Собранието, се очекува косовскиот претседател Хашим Тачи да му го додели мандатот за формирање на идната влада на Курти, како лидер на партијата победничка на изборите. Курти синоќа објави дека, спроти конститутивната сеедница на новиот парламент, пропаднале преговорите со ЛДК за коалицирање во идната влада. Главен камен на сопнување е дали сегашниот претседател на Косово да остане на функцијата до крајот на мандатот или парламентот да избере друг претседател.
Косовскиот претседател Тачи им го честита вечерва на новоизбраните пратеници конституирањето на новото Собрание и им посака успешна работа. Преку објава на својата страница на Фејсбук Тачи побара што поскоро да се формираат институциите и притоа да се остават настрана тесно-партиските интереси.