А да направите, место парада за македонскиот јазик (5 мај), еден Центар за македонситички и славистички студии (ЦМСС) кој, барем во прво време, ќе ги собере најдобрите, врвни македонисти (јазиковеди и литературоведи), русисти, полонисти, бохемисти, кроатисти итн? Еден ЦМСС кој, во догледно веме, откако ќе покаже задоволителни резултати (ако ги покаже) ќе прерасне во Национален центар за научни истражување, каков што има секоја сериозна земја која држи до себеси и до својата култура?
Добро, не морат да бидат тие дури ни врвни во вистинската смисла на тој збор. Затоа што барем јас не знам за доволно такви кои важат за некои крупни авторитети во тие области надвор од границите на РСМ. Нека бидат оние кои, според нашите домашни, чудесно флексибилни (растегливи како армоника) мерила важат за такви. Или, дури (зошто да не?), тие што себеси се сметаат за такви. Затоа што, нели, од некаде и со нешто мора да се почне?
Лесно може да се покаже дека е тешко изведливо и спроведливо тоа, затоа што, во моментот, кога ќе допре во јавноста некоја таква одлука на владата (до колку воопшто ја донесе!) тогаш ќе се јават еден куп (да не речам армија) „врвни“ македонсти, русисти, полонисти итн. (кој од кој подобар и „поврврен!“), кои ќе ги стават на тешки маки оние што треба да направат селекција (да речеме, некој вид Матична комисија составени од меѓународни научни авторитети), со добри изгледи да кренат раце од таа невозможна мисија.
Може да се почне уште поскромно. Може, на пример, Министерството за образование на РСМ да направи Фонд за македонистички, балканолошки (затоа што сме мултикултурци) и славистички студии. Тој фонд ќе им доделува, ако не солидни тогаш барем пристојни, стипендии на талентирани млади луѓе кои ќе изучуваат македонистика, албанистика, туркологја, русистика, полонистика, бохемистика и итн. во матичните земји на тие научни дисциплини. Од првата генерација македонисти, албанисти, русисти, полонистика итн. би требало да се образува јадрото на идниот ЦМСС кој, потоа, ќе го преземе оној фонд од Миинистерството за образувание и натаму ќе се грижи за селекција на млади луѓе кои ќе ги изучуваат тие научни дисциплини во матичните земји.
Ви звучи ли оваа идеја како нешто кое треба да почне од – нула? Верувам дека ви звучи затоа што и мене ми звучи. И не само што звучи туку, за жал и така е! Не верувам дека некој (дури и најдобронамерен од сегашните генерации политичари) има не само добар, туку елементарен увид на какво дереџе се наоѓа сега македонистиката. Памети ли некој македонист ако не со полнозвучно, тогаш барем со со-звучно име и презиме да се нашол на чело за Министертвото за образование? А како да се најде кога и тоа министерство, како и онаа за култура, најчесто (уште поточно: редовно!) служат за израмнување на сметките меѓу политичките партии кои образуваат влада.
Едно време, во владата на Заев министер за образование беше Рената Десковска. Таа најверојатно, повеќе од практично-политички (тогаш се правеше законот за албанскиот во јавна уотреба), а помалку со некоја јасна, долгорочна визија за консолидација и равој на македонистиката, направи некој Совет за македонски јазик. На чело на тој Совет се најде универзитетскиот професор Људмил Спасов. Кога истапуваше во јавноста, главно ги бранеше политиките на владата што и не е некоја којзнае каква македонистчка актива.
Малкумина знаат (спаѓам и јас меѓу нив) кои се надлежностите, кој е делокругот на активности и, што е најважно, по која и со каква програма работи тој Совет на Спасов кој, по сѐ изгледа, беше направен само заради тоа да ги брани политиките на владите по однос на на албанскиот во јавна употреба спроти сите оние што почнаа гласно да негодуваат против тие политики. Со сета почит кон Десковска (таа е правник по формација и вокација), ама јас не верувам дека таа би можела да има добар увид во област каква што е македонистиката. А пак без добар увид таа ни не би можела да знае што би требало да се прави (и направи!) во таа област за да се извлече од пустошот во кој се најде веднаш по нашето осамостојување. Само колку за пример: владата на Љ. Георгиевски почна и оствари една чудовишна антимакдонистичка политика; таа стана вид десна рака на софискиот Македонски институтут чија прва цел е „научно“ да покаже и докаже дека не постојат македонски јазик и нација.
Сега Десковска не е министер за образование. Гласот на Советот на Спасов го нема во јавноста. А можеби и не постои веќе тој Совет. Можеби е укинат како оној на Барџиева и Теодосиевски кои наследникот на Десковска брзо ги – „ликвидира“. Не знам дали онаа одлука на владата да се прогласи 5-ти мај за ден на македонскиот јазик е иницијатива на тој Совет (ако постои). Или, можеби, на советникот за култура на Заев Ц. Ласковска. Знам само дека таа одлука е повеќе практично-политичка и парадна, а помалку напор на владата да стори нешто минимално за консолиодација на македонистиката.