Министерството за образование и наука информира дека е во тек конкурсот за доделување 20 стипендии „Борис Трајковски“ за студии од втор циклус на Извршната програма за бизнис и администрација на Сити колеџ – Меѓународен факултет во состав на Универзитетот Шефилд од Велика Британија, лоциран во Солун.
Стипендиите се за академската 2018/2019 година за насоките: маркетинг, општ менаџмент, финансии, менаџмент во логистика, менаџмент во здравство и менаџмент на човечки ресурси.
„Вредноста на една стипендија е 14.890 евра и ги покрива трошоците за уписнина. Половина од средствата, односно 7.445 евра, ги обезбедува Владата на Република Македонија – Министерство за образование и наука, а останатата половина Сити колеџот. Патните трошоци, сместувањето и другите дневни трошоци се на товар на кандидатот“, соопшти МОН.
Сите дополнителни информации за условите, критериумите и потребните документи за аплицирање се објавени во конкурсот кој МОН го објави на својата веб-страница.
Крајниот рок за аплицирање е 20 јули 2018 година.