Конкурирајте за ИТ обуки, ќе се преквалификуваат 1.253 невработени млади лица

1064

Министерката за труд и социјална политика Мила Царовска, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски и директорката на Агенција за вработување, Билјана Јовановска денеска ги презентираа трите јавни огласи за обуки за ИТ вештини кои се дел од Оперативниот план за вработување за 2019 година.

„Наша цел е да ги надградиме вештините на невработените млади лица до 34 години и тоа во област за која има реална потреба на пазарот на труд. Оваа година за првпат мерките за вработување ги правевме заедно со сите засегнати страни за тие да бидат ефикасни и да дадат видливи резултати. За обуки за ИТ вештини имаме предвидено 35.1 милиони денари, ова е неколкукратно зголемување во однос на лани, кога беа издвоени 8.5 милиони денари. Ги охрабрувам сите заинтересирани млади да се пријават и да ги усовршат своите знаења и вештини. Посебно ги охрабрувам младите жени да ја искористат оваа можност и да се стекнат со нови знаења со кои ќе обезбедат сигурни вработувања со високи примања во софтерските компании каде што досега поголемиот дел од вработените се мажи“, истакна Царовска. 

Планираниот опфат на лица за 2019 година е 1.253 невработени млади лица до 34 години. Јавниот повик за учество во Програмата Обуки за развој на дигиталните вештини се објавува денеска и трае до исполнување на опфатот.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, истакна дека Северна Македонија станува атрактивна ИКТ дестинација.

“Број на трговски друштва од ИКТ сектор изнесува околу 2021, од кои 145 се основани во текот на првата половина на 2019 година.
Бројот на вработени изнесува околу 18.000 лица.  Растот на пазарот во ИКТ индустријата во изминатите 5 години е 47%, а вредноста на пазарот на ИКТ е 862 милиони евра. Владата дополнително ги стимулира ИТ компаниите со други мерки, а како една од идните мерки ќе биде намалување на 3% на данокот на добивка”, информираше министерот Манчевски.

 

Станува збор за неколку различни видови на обуки.

Обуки за напредни ИТ вештини: Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од напредни ИТ вештини, обуки за напредни ИТ вештини (со кофинансирање). Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од напредни ИТ вештини и воведни Обуки за ИТ вештини (on line).

Целта на мерката е преку обука да се задоволат потребите од основни ИТ вештини.

Директорката на Агенцијата за вработување Билјана Јовановска рече дека годинава очекува успешна реализација на обуките и очекува што повеќе апликации во агенцијата. 

„Обуките за напредни ИТ вештини ќе се спроведуваат од страна на тренинг провајдери низ целата територија на државата, зависно од пројавениот интерес кај невработените лица. На лицата кои ќе бидат вклучени во обуките ќе им бидат издадени ваучери за посетување на обука и за полагање на испит. Притоа, кандидатите треба да се пријават за полагање на испитот во рок од 3 месеци од завршувањето на обуката. На лицата кои редовно ќе посетуваат обука ќе им биде издадено Уверение за посетувана обука, а на лицата кои успешно и ќе го положат испитот ќе им биде издаден официјален акредитиран сертификат“, истакна Јовановска. 

Со обуките се нудат нови мрежни технологии и администрање на компјутерски системи, основите за дизајнирање и имплементација на ИТ инфраструктура на најкористената AWS Cloud платформа, практиките на објектно-ориентираното програмирање кое подоцна ќе биде основа за пишување на скриптите во процесот на автоматско тестирање, креирање стратегија на производ базирана на корисничко искуство, да дефинираат функционалности и интеракција во кориснички интерфејс, да изработат прототип на веб проект и да ја тестираат идејата.

Изминатите неколку години оваа мерка од оперативниот план дала одлични резултати и 50 % од обучените невработени лица во моментот се вработени. 

Од вкупно 202 лица коишто биле обучени во 2016 година во моментот работат 112, а од поминатата обука на 100 лица лани, сега во работен однос се 50.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...