Секретар за еднакви можности е новата функција која ќе биде востановена на утрешниот четврти изборен Конгрес на ДУИ, брифира за Плусинфо висок партиски функционер. Освен ова, ќе има повеќе статутарни промени. Предвидено е да се изберат неколку нови тела на партијата како Национален совет, Конгрес на постојаноста и Партиска изборна комисија. На Конгресот предвидено е да се обрати само лидерот Али Ахмети, кој како што веќе објави Плусинфо ќе биде реизбран за претседател на партијата. И овој пат, Ахмети ќе нема противкандидат, бидејќи како што велат од ДУИ, „Али не е претседател туку лидер, водач“.
Со изборот на секретар за еднакви можности ДУИ го зголемува бројот на секретари, така покрај генералниот и организацискиот, воведува уште еден секретар. Секретарот за еднакви можности ќе треба во наредниот период да го укине Форумот на жени на ДУИ. Целта е инкорпорирање на жените во сите органи на партијата од подограноците, ограноците, Централното претседателство и Генералниот совет. Новина е и дека жените ќе бидат застапени со 30 отсто во сите партиски тела.
Ново тело ќе биде и Националниот совет во кој ќе членуваат ветераните на партијата, но и еминентни домашни и странски професори и интелектуалци. Ова тело ќе има само советодавна улога, наспроти постоечкиот Совет на мудреци кој има право на вето на одлуките на Централното претседателство и на Генералниот совет. Ќе се избере и Конгрес на постојаноста или континуитетот во кој една третина ќе бидат постојани или доживотни членови.
Партиската изборна комисија која ќе треба да се формира на утрешниот Конгрес е по урнек на Државната изборна комисија. Ќе биде составена од 7 члена и нејзина функција ќе бидат внатрепартиските избори. Идејата е ДУИ на наредниот конгрес да оди со еден член – еден глас, односно да се укине делегатскиот систем.
Како што веќе објавивме на Конгресот ќе бидат изгласани 5 резолуции и една декларација.
Консензуална интеграција, ветинг, квалитет на живот, работа и развој и млади, се петте резолуции на новата партиската програмата на ДУИ, која ќе се преточи и во изборна програма. Консензуалната интеграција подразбира ниту една од есенцијалните одлуки во државата да не може да помине без консензус, односно без одобрение од Албанците. Консензуалната интеграција ќе се однесува на интеграција на општеството, на регионот и на ЕУ и на НАТО.
По Конгресот ќе се знае дали ДУИ на сметка на зголемувањето на партиските секретари ќе го намали бројот на потпретседателите. Предлозите се да се зголеми или да остане ист бројот на потпретседателите во партијата, но и целосно да се укине таа функција. Според актуелниот статут, ДУИ има четворица потпретседатели.