Беше големо задоволство да се присуствува на Изборното собрание на ЗНМ викендов во Скопје. Новинарската асоцијација израсна во зрела невладина еснафска организација од којашто нејзините над 700 денешни членови, најмногу од основањето во далечната 1946 година до денес, можат да бидат, најблаго речено, задоволни, ако веќе не и горди.
Додуша, односот кон Здружението можете да го градите врз основа на тоа дали ви се допаѓал или не досегашниот претседател во два мандата Насер Селмани, но ако успеете да се издигнете над таа лична и, повремено, суетна основа, тогаш објективните оценки се неспорни: денеска ЗНМ е влијателна професионална организација со консолидирана институционална позиција, со функционални колективни органи за управување, самоодржлива и во програмска и во финансиска смисла. За тоа, ви се допаѓало или не, е заслужен и тој Селмани, таков каков што „криво саден“ го знаеме. Веројатно најмногу.
Ова е особено значајно, бидејќи предизвиците во последните десетина години за новинарската професија и за медиумскиот систем во земјата, воопшто, беа… Да не должам, знаеме какви.
Собранието помина во најдобар ред: полна сала од членови и гости, поздравни говори, наративни и детални финансиски извештаи, полемични дискусии, процедурални забелешки, критики и пофалби… За збор се јавија и некои колеги кои, со оглед на минатиот труд на нивните медиуми во режимот на Груевски, можеби ќе беше попристојно да си молчат, но сите во салата трпеливо ги ислушавме.
Имаше и неколкумина колеги кои не платиле членарина, а сакаа да бидат прифатени како полноправни учесници на Собранието, но правилата за ова Изборно собрание беа јасни и одамна објавени (а потоа и многупати потсетени): за да можете да гласате, беше потребно да се подмири членарината до пет дена пред одржувањето на собирот. Ферски.
Се пријавија многу кандидати за колективните тела и двајца колеги, угледни новинари, во натпревар за претседателската функција на Здружението – и Столе Наумов и Младен Чадиковски се потрудија во прилично детали да ја изложат својата визија за тоа како би го воделе ЗНМ во наредните четири години. Чадик ми се виде потрадиционален во своите заложби за продолжување на идната работа на ЗНМ, додека Столе делуваше поинспиративен и расположен за обид во некои нови форми и содржини за ангажмани на Здружението, но обајцата оставија неподелено добар впечаток.
Потоа следуваше долго, добро организирано гласање, со неколкучасовно пребројување на гласовите, додека се вкрсти секој глас за секоја поединечна управна и извршна функција во органите…
Резултатот од претседателското гласање: од вкупно 175 присутни, гласале 169 членови на ЗНМ, при што Чадиковски доби поддршка од 86 колеги, Наумов од 77, со 6 неважечки ливчиња. Следуваа честитики до Чадикот од присутните, вклучувајќи го и витешкиот однос на противкандидатот Наумов.
Што не е јасно? Дали требало да има втор круг на гласање, бидејќи на Чадиковски му недостасувале два гласа од „присутните членови“ за да била победата валидна?
Институтот за „втор круг на гласање“ е вообичаена статутарна постапка за, кога во првиот круг гласање постојат повеќе од двајца кандидати, во вториот круг да се решава за оние двајца кои освоиле најмногу гласови во првиот круг. Во случајов, бидејќи имавме само двајца кандидати, која е смислата за нивно прегласување во втор круг, кога е резултатот недвосмислено јасен? Што би се променило во вториот круг? Колку од „присутните членови“ би останале на второто гласање, ако веќе на првото шестмина си заминале или решиле да не гласаат? Намерата е да се избере претседател – или никогаш да не се избере претседател?
Впрочем, Собранието на секоја организација е врвното тело за одлучување – зошто таму и тогаш никој не го оспори резултатот, туку акламативно, со аплауз се честиташе на победникот? Зошто дури и колеги кои не најдоа за потребно да нè почестат со своето присуство на Изборното собрание, дополнително, многу загрижени, ги оспоруваат резултатите?
Медиумската и новинарската заедница во Македонија ги знае одговорите на сите овие прашања. И не дека правото на свое мислење треба да се негира.
Туку, Младен Чадиковски е новиот претседател на ЗНМ. Избрани се уште неколку десетици нови членови на другите органи на Здружението. Честитам на сите! Да им помогнеме ЗНМ да стане уште подобро и од ова што е денес. Има уште многу горливи прашања во професијата за кои ќе треба тоа Здружение жестоко да се бори и залага.
Извор: Цивил медиа