Компромис во фиока

Новите сознанија што ги открива Викиликс ќе ни помогнат на сите полесно да разбереме зошто гласот „за“ на 30 септември, за еден договор кој има пресудно добри страни, но и слабости, сепак ќе биде глас за иднината на оваа земја, а со самото тоа и чин на врвен патриотизам.

4318

Дали Бранко Црвенковски, во својство на шеф на државата и Никола Груевски, како премиер, во 2008 година се согласиле за промена името на нашата држава во „Република Северна Македонија“, под услов тоа да вклучува признавање на македонскиот јазик и на националноста?

Што се однесува до Црвенковски, одговорот е – да, тоа е точно! Проверено од прва рака. Со тоа што, сепак, треба внимателно да се прочита што пишува во депешата на тогашната амбасадорка на САД, Џилијен Миловановиќ, од 29 јули 2008 година. Имено, Црвенковски разговарал со Миловановиќ после дебаклот на самитот на НАТО во Букурешт и навистина предложил промена на референцата БЈРМ со трајна референца, бездруго со условот во врска со идентитетот кој се спомнува, но и со можност сите членки на ООН кои веќе ја признале Македонија под нејзиното уставно име, самите да одлучат дали ќе ја прифатат новата референца.

Ако кон ова се додаде и предлогот на Црвенковски работата да се заврши без посебни, сложени и неизвесни (нови) преговори со Грција, туку со одлука на ООН, може да се заклучи дека тогашниот шеф на државата, во тие тешки денови после грчкото вето, настапил со креативен и можеби спасоносен предлог. Од денешна перспектива, може да се каже дека е голема штета што таа нова иницијатива не успеала. Зошто не успеала, тоа е веќе друго прашање.

За жал, од познати причини, не можам да потврдам дали и Никола Груевски се согласил со еден ваков, или со сличен предлог. Склон сум да поверувам дека и тој имал разговор со Миловановиќ и дека се согласил, но сигурен сум дека ако било така – излажал. Излажал за да ги одоброволи Американците да не ја минираат неговата намера да се зацврсти на кормилото со предвремени избори, што и се случи во 2008 година.

Премиерот Зоран Заев, повикувајќи се на прислушуваните разговори што ги поседуваше, вели дека „дел од решението во делот на името и неговата севкупна употреба или како што се нарекува ерга омнес било прифатено и во делот на Северна и во делот на Горна Македонија“. Од свои извори, пак, имам сознанија дека во периодот 2011-2012 година, Груевски водел многу сериозни преговори за компромисно решение за спорот за името, не многу различно од сегашното, но сепак не кандисал.

Како и да е, без оглед какви биле мотивите на македонските политичари (во случајот на Груевски, тоа веќе го знаеме, мотивите биле крајно нечесни), факт е дека сите македонски лидери преговарале за разни модалитети на компромисно решение на спорот со Грција. Во таа смисла, решението на Заев и на Ципрас е само завршница на еден подолг процес на промена на ставот на двете дипломатии, во позитивна насока.

На Заев не му е потребно вакво алиби за неговата храбра одлука. Тој пресече самиот. Мериторно, што се вели. Но, овие сознанија се корисни за сите што денес глумат „големи патриоти“. Сите тие треба да се соочат со вистината што некогаш се сметало за „патриотско“ решение на спорот што ја забави Македонија на патот кон Европа. И да сфатат дека во процесот на преговори со Грција навистина нема „невини“.

Така на сите ќе им биде полесно да разберат дека гласот „за“ на 30 септември, за еден договор кој има пресудно добри страни, но и слабости, сепак ќе биде глас за иднината на оваа земја, а со самото тоа и чин на врвен патриотизам.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...