Компаниите не ќе може кога ќе им текне да прекопуваат улици

269

Заострени критериумите за добивање дозвола за вршење прекоп на улиците, повисоки критериуми за начинот на кој ќе се вршат овие прекопувања, како и скратени рокови за завршување на градежните активности, се дел од новитетите кои се содржани во новиот правилник за вршење прекопи на сообраќајниците што се во надлежност на Градот Скопје, најави скопскиот градоначалник Петре Шилегов.

– На овој чекор се решивме по многубројните оправдани реакции на граѓаните за прекопувањата на тукушто реконструирани сообраќајници, како и за начинот и времетраењето на градежните работи при овој вид на активности. Согласно со досегашната пракса, секоја компанија која имаше потреба од поставување подземна инфраструктура под сообраќајниците, поднесуваше барање до градот за дозвола за вршење прекоп, а по добиената дозвола вршеше прекоп и по поставувањето на подземните инсталации ја враќаа сообраќајницата во првобитна состојба. Проблемите во овој дел настануваа во случаите кога ќе добиевме барање за прекоп на тукушто реконструирана сообраќајница – кажа Шилегов.

Во насока на подобрување на комуникацијата и координацијата со компаниите, со новиот правилник е предвидено Градот Скопје пред почетокот на градежната сезона да ги објави сите сообраќајници кои се превидени за реконструкција во текот на претстојната година.

– На тој начин подземните инсталации кои ќе поминуваат под овие улици ќе може да се постават во текот на реконструкцијата на улицата, а не по нејзиното завршување, како што неретко се случуваше во праксата во минатото. Во текот на оваа година планирани се делумни или целосни реконструкции или изградба на булеварите: АСНОМ, Кочо Рацин, Партизански одреди, Втора македонска бригада, Александар Македонски, К.П. Мисирков, Хрватска, Никола Карев и Јужен булевар; како и улиците: Димитрија Чуповски, Борис Сарафов, Февруарски поход, Ѓорче Петров, Љубљанска, Московска, Брадфордска, Лазар Личеновски, Индира Ганди, Благоја Стевковски, Ферид Мурати, Димо Хаџи Димов, Живко Фирфов, Павел Шатев, Црниче, Македонско косовска бригада, Александар Урдаревски, Есенинова, Боца Иванова и Андон Димитров (Жарко Зрењанин).

Објавувањето на улиците планирани за реконструкција ќе биде редовна пракса пред почетокот на секоја градежна сезона. Ги повикувам сите компании кои планираат во наредниот перид да поставуваат подземни инсталации под овие булевари и улици да се обратат во Град Скопје заради подобра координација на активностите со која ќе спречиме непотребни прекопувања по реконструкцијата на овие сообраќајници – додаде Шилегов.

Шилегов потенцираше дека согласно со измените во правилникот, по завршувањето на реконструкцијата на предвидените улици во следните 2 до 3 години, Градот Скопје нема да издава дозволи за прекоп на овие улици освен во случај на дефекти, под строго дефинирани услови.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...