Привремена комисија формирана од Јавното обвинителство на РМ ќе ги следи евентуалните противправности при организирањето и спроведувањето на референдумот.
Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.
– Дадени се задолженија на денот на гласањето покрај редовните да има и дополнителни дежурства, со цел навремено делување ако има евентуални кривични дела – изјави за медиумите јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, додавајќи дека со тоа се покрива целата територија на државата
Тој посочи дека е воспоставена комуникација со сите обвинителства и со припадниците на МВР, кои ќе бидат на терен и ако има некое кривично дело да ги известат за да можат да делуваат навремено да собираат докази.
Целта на ЈОРМ е на овој начин да се потенцира борбата против кривичните дела поврзани со изборниот процес и гласањето и да се даде поголем придонес кон нивно сузбивање и превенирање.
Јавното обвинителство на Република Македонија ја повикува јавноста, граѓанските организации, други организации, политички партии, домашни и меѓународни институции и сите кои сметаат дека во некоја постапка има индиции за сторено кривично дело поврзано со организизирањето и спроведувањето на референдумот, да достават поднесок/пријава до Комисијата на електронската адреса: referendum@jorm.gov.mk