Комисијата за заштита од дискриминација со внимание и загриженост ги следи јавните информации објавени овие денови во средствата за јавно информирање и на социјалните медиуми, а во врска со можните нарушувања на правата на притворени лица во затворите во државата. Имајќи го во предвид споменатото, а во согладност со одредбите од Законот за спречување и заштита од дискриминација, Комисијата ја информира јавноста дека со должно внимание ги истражува сите достапни релевантни докази и евентуалната дискриминација.
Истовремено, КЗД ги повикува и другите надлежни државни органи, а особено Народниот правобранител и Постојаната анкетна комисија за заштита на човековите права и слободи при Собранието на РМ, подробно да ги истражуваат овие случаи и, доколку има потреба да се ангажираат во насока на заштита на слободите и правата на граѓаните.
Според Уставот и Законот за спречување и заштита од дискриминација, „Се забранува секоја директна или индиректна дискриминација, повикување и поттикнување на дискриминација и помагање во дискриминаторско постапување врз основа на пол, раса, боја на кожа, род, припадност на маргинализирана група, етничка припадност, јазик, државјанство, социјално потекло, религија или верско уверување, други видови уверувања, образование, политичка припадност, личен или општествен статус, ментална и телесна попреченост, возраст, семејна или брачна состојба, имотен статус, здравствена состојба или која било друга основа која е предвидена со закон или со ратификуван меѓународен договор, информираа вечерва од Комисијата за заштита од дискриминација.