Комисијата за заштита од дискриминација ги отфрла тврдењата на граѓанските организации дека оваа институиција делува непрофесионално и необјективно во носењето на законот за спречување и заштита од дискриминацијата, кој подолго време е во собрансиска процедура и повикува на фер дијалог помеѓу сите клучни сегменти во општеството, односно на социјалдемократската власт, конзервативната опозиција, како и претставниците на албанските партии во Собранието, а во функција на обезбедување на најширок можен консензус и одблокирање на процесот.
Од Комисијата посочуваат дека иако оствариле три средби со министерката за труд и социјална политика Мила Царовска и активно учествувале во работата на групата за подготовка на новиот закон, сите нивни легитимни и оправдани сугестии биле, како што велат, промптно и со индигнација отфрлани.
– Поради тоа, меѓу другото, ефектот од ваквата работа е текст кој е предмет на силни критики од меѓународната заедница и кој предизвикува силна политичка поларизираност веќе две години, се вели во денешното соопштение од Комисијата за заштита од дискриминација. .
КЗД смета дека при усвојувањето на постојниот предлог закон кој е во собраниска процедура е клучно да бидат имплементирани во целост забелешките на релевантните европски институции, како и сугестиите на опозицијата затоа што тоа, како што посочуваат, е единствениот начин кој ќе овозможи најширока општествена прифатеност и усогласеност. Во оваа смисла, за да се постигне тоа, Комисијата смета дека неопходниот минимум е да се интегрираат најмалку два амандмана во предлог законскиот текст.
– Со првиот амандман потребно е да се врати одредбата која постои во актуелниот закон дека уредувањето на бракот, вонбрачната заедница и семејството исклучиво како заедница на спротивни полови, односно на еден маж и една жена претставува исклучок од дискриминација бидејќи, во спротивно силно се јакнат легитимните стравови на конзервативниот дел од граѓаните на нашата држава независно од нивната политичка, етничка или верска припадност, во смисла дека се создава правно фундиран простор за легализација на истополовите бракови, како и за легализација на желбата на овие двојки за посвојување на деца. Во оваа смисла, сметаме дека доколку се интегрира ваква промена во текстот што е во собраниска процедура, ќе се обезбеди најширока можна прифатеност во државата бидејќи, од една страна, продолжува да се обезбедува и унапредува еднаквоста по сите основи вклучувајќи ја и сексуалната ориентација, а, од друга страна, истовремено, се штити и бракот и вонбрачната заедница какви што постојат низ вековите до денес како заедница исклучиво на еден маж и на една жена, се вели во соопштението од КЗД.
Со вториот амандман, според Комисијата, треба да се испочитуваат, како што велат, силните критики на Венецијанската комисија, како и на другите европски организации, кои остро застанале против одредбата за предвремен прекин на мандатот на ова тело две години порано, што е причина за силен сомнеж за уште едно мешање на политиката во работата на независните институции.
– Во конкретна смисла, во својот стручен коментар во однос на Законот, Венецијанската комисија го констатира следното: „во нацрт-законот [за спречување и заштита од дискриминација, н.з.] нема доволно заштитни механизми со кои се обезбедува вистинска независност на Комисијата, особено за избор и разрешување на членовите на Комисијата. Комисијата бара да се преиспитаат одредбите за предвремено престанување на мандатот на членовите на Комисијата, бидејќи тие ја ограничуваат независноста на Комисијата“, велат од КЗД.