Комисијата за европски прашања го усвои Предлог-законот за името

Ги жртвувавме митовите за да добиеме реалност, изјави министерот за надворешни работи Никола Димитров.

482

Комисијата за европски прашања го разгледа и со 10 гласови „за“, без ниту еден „против“ и ниту еден „воздржан“ му предложи на Собранието да го донесе Предлог законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните.

Министерот за надворешни работи, Никола Димитров во своето експозе, оцени дека постигнатиот Договор значи дека Македонија оди напред, одлучно и непоколебливо кон иднината.

– Ги жртвувавме митовите за да добиеме реалност – изјави Димитров и упати апел и кон опозицијата, цитирајќи извадоци од воведот кон Карнегиевиот извештај за Балканските војни и рече: „Всушност нема спас, нема излез ни за малите, ни за големите држави, освен со обединување и помирување”.

Претседателот на Комисијата, Артан Груби, обраќајки се пред членовите на Комисијата изјави дека овој Договор претставува гарант за иднината на неговите деца како и на сите деца во нашата земја.

– Само животот, живеен за другите е вреден за живеење – рече Груби.

Во расправата учествуваа и пратениците Петар Атанасов, Јулијана Николова и Самка Ибраимовски.

Седницата на Комисијата за европски прашања беше проследена и од бројни претставници на меѓународната заедница во Република Македонија.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...