Твоето ненадејно заминување од светот на македонскиот театар остави место што никогаш нема да биде пополнето, зошто твојот уникатен талент и актерското мајсторство не можат да се копираат. Ванчо, му остави непроценливо наследство, особено на Драмски театар, со твоите неповторливи ролји, истакна в.д. директорот на Драмскиот театар-Скопје Сашо Тасевски на комеморацијата за актерот Ванчо Петрушевски, кој почина завчера во скопското село Орешани.
– Заедно со твојот Гоце, со Ѓокица, Дади и Мешко, со Кате и Милица, Ненад, Коле, Чоре и останатите бардови на Драмскиот театар испишавте историја и оставивте голем аманет за наредните генерации македонски глумци – рече Тасевски.
Според него, Ванчо секогаш ќе биде втемелен во сеќавањата на неговите колеги и во колективната меморија на македонскиот народ.
– Драмски ти благодари за твојот блесок и твоето присуство на нашата сцена и зад нејзините кулиси во изминативе 40-тина години. Вечна ти слава, рече Тасевски.
Актерот Гоце Тодоровски потсети на животот и делото на Петрушевски, за одиграните улоги, настапи, награди, за неговата умешност и шарм, зборуваше за неговата пасија-сликарството, за викендицата во Орешани…
– Неговата актерска игра се одликува со ненаметливост и спонтаност, со виртуозно обликување на комични и трагични ефекти со што ги плени театарските гледачи и тие стануваат негови обожаватели. Ванчо Петрушевски го вбројуваме во редот на ислучителни актери. Во реализацијата на неговите улоги пристапува со препознатлив такт, истенчен вкус со бараната и добра мерка, рече Тодоровски, додавајќи дека со Ванчо Петрушевски биле пријатели 57 години.
Актерот Кирил Андоновски пред комеморацијата потсети на Македонските народни приказни, каде играле заедно со Петрушевски.
– Не само во комедијата, Ванчо умееше и драмски ликови многу убаво да игра, беше сестран. Го знам како мајстор со години, нема што не знае да направи. Тоа е некој несреќен случај, но како се случи… Важно е дека го изгубивме Ванчо, Ване, Иван, Рамче, напомена Андоновски.
Благоја Чоревски изјави дека со Петрушевски се познавале повеќе од 40 години, од студентските денови, од театарските години, од снимањето филмови…
– Ванчо беше извонреден актер, извонреден пријател, извонреден човек. Навистина беше таков и му благодарам на Бога и на животот воопшто што ме споија со него, што можев да играм, што можам да се сеќавам на него, на се убаво- рече Чоревски.
До семејството на Петрушевски пристигнале голем број телеграми со сочувство, меѓу кои од претседателот Ѓорге Иванов, премиерот Зоран Заев, министерот за култура Асаф Адеми, од негови колеги, режисери…
На комеморацијата во Драмскиот театар во Скопје присуствуваа семејството, пријателите, колегите и неговите обожаватели кои со него се збогуваа со громогласен аплауз.