Колумната на Гајсер во „Ла верита“ повлечена или блокирана?

Која е причината за тоа засега не се знае, но на видеото стои дека репродукцијата е оневозможена од сопственикот на видео.

4946

На порталот на италијанскиот весник „Ла Верита” не може да се види и преслуша видео колумната на авторот Ларис Гајсер во која тој ја повикуваше претставничката на ЕУ за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини да каже нешто за случајот „Рекет”.

Насловот и сликата од видеото со Могерини и премиерот Зоран Заев, сѐ уште можат да се видат на страната на „Ла верита“, но ако сакате да ја преслушате тоа не е можно.

Која е причината за тоа засега не се знае, но на видеото стои дека репродукцијата е оневозможена од сопственикот на видеото.

Весникот и авторот на колумната Ларис Гајсер изминатите денови ја разбрануваа македонската јавност со објавување на снимки на кои Боки 13 го рекетира бизнисменот Јордан Камчев.

Во денешната колумна тој ја критикуваше Могерини дека не реагирала за случајот „Рекет“ како поддржувач на основањето на Специјалното јавно обвинителство.

Могерини е членка на италијанската левоцентристичка Демократската партија (ПД), која е главен ривал на десничарската националистичка партија Лига на италијанскиот вицепремиер Матео Салвини, чиј голем поддржувач е Гајсер.

Могерини, која беше пратеник во Долниот дом на Парламентот на Италија од 2008 до 2014 година и италијански министер за надворешни работи од февруари до октомври 2014 година, уште во март годинава во изјава за Франс 24 најави дека нема намера да бара реизбор на сегашната функција и по истекот на мандатот како шефица на европската дипломатија најверојатно ќе се врати во италијанската внатрешна политика и со тоа би била една од водечките фигури на демократите и опонент на Салвини.

Новинарот Ларис Гајсер е познат по своите екстремно десничарски ставови и по блискоста со лица од европската крајна десница, како и со претставници на ВМРО ДПМНЕ, додека весникот „Ла Верита“ во изминатите неколку години важи за медиум близок до сегашната опозиција во земјава.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...