Колку тезги, толку лиценци на зелените пазари

Зелените пазари бараат одлагање на примената на Законот за трговија на зелените пазари, една од причините е врзувањето на лиценците на пазарџиите со само една тезга.

582
20150619 Friday 1114 pazar penzioneri vtornik petok sabota nedela domati

Зелените пазари бараат одлагање на примената на новиот Закон за трговија на зелените пазари донесен на почетокот на годината и треба да се применува од 1 јануари 2019 година.

Со законот се воведуваат лиценци за пазарџиите кои треба да ги издаваат Коморите на трговци. Со него се определува дека нема да има фискализација на пазарите и дека на зелен пазар не може да продаваат вработени трговци и пензионери. Законот предвидува пазарџиите да плаќаат персонален данок, како и здравствен и инвалидски надоместок.

Барањето, како што рече денеска на прес-конференција Даниела Михајловска-Василевска од Стопанската комора, се однесува на пет членови од законот кои поради доцното донесување на подзаконските акти не можат да почнат да се применуваат од јануари следната година. Здружението на зелени пазари при Стопанската комора минатата недела барањето го доставило до Министерството за економија и побарало средба со министерот Крешник Бектеши за да ги појасни состојбите поради кои се бара одлагање на примена на законот на одреден период.

Голем проблем во примената на законските одредби, според зелените пазари прави врзувањето на лиценците на пазарџиите со број на тезга на зелените пазари и нејзиното врзување само со една тезга.

– Коморите кои треба да ги издаваат лиценците немаат право да определуваат кој број на тезга ќе биде издаден. Тоа го прават зелените пазари и затоа бараме оваа одредба да се брише. Дополнително како проблем се наметна и врзувањето на лиценцата со една тезга. Па еден пазарџија сега ќе мора да вади повеќе лиценци ако сака да продава на повеќе тезги на еден зелен пазар. Тоа е нелогично и затоа бараме со една лиценца да може да се закупат повеќе тезги – појасни Михајловска-Василевска.

Зелените пазари бараат да се преиспита и коморскиот систем во секторот и да им се даде право на трите комори на пазарџии кои се регистрирани да можат да издаваат лиценци, со што како што велат, од Здружението на зелените пазари, ќе се овозможи плурализам во секторот, а не да се фаворизира само една комора.

Според зелените пазари, нелогично е да им се одземе правото на пензионерите, вработените, вработените со договор на дело и трговците да изнајмат тезга и да продаваат на зелените пазари.

– Доколку овие четири категории на закупци на тезги на зелените пазари бидат оневозможени да продаваат на зелените пазари ќе се намали прометот и бројот на пазарџии за 30 отсто. Тоа ќе го намали и приходот на државата од даноци – рече Михајловска-Василевска.

Дополнително се бара под одредени услови да се овозможи пренесување на лиценцата на трето лице, од поблиското семејство, во услови кога носителот на лиценца од оправдани причини нема да може да продава на зелениот пазар.

Од Здружението на зелени пазари при Стопанската комора, сметаат дека ова се значајни работи кои предизвикуваат проблеми во нормалното работење на зелените пазари. Забележуваат дека законот пред една година е донесен по брза постапка и без прифаќање на нивните забелешки.

– Подзаконските акти се донесени во септември и предвидените три месеци за усогласување на договорите со пазарџиите – вели Михајловска-Василевска.

На зелените пазари моментално работат од 20.000 до 25.000 пазарџии, а надвор од пазарите во некои од градовите во земјава продаваат дополнителни 50 отсто диви пазарџии.

– Таков е случајот во Велес каде што 50 отсто од лицата кои продаваат се надвор од зелените пазари. Процентот е различен по градови и се базира на постари податоци – вели Михајловска-Василевска.

Според информациите на зелените пазари, Министерствата за финансии и економија сѐ уште не го договориле ниту износот за добивање лиценца што дополнително го усложнува целиот процес на потпишување договори со пазарџиите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...