Пред нешто повеќе од 15 години, на 1 мај 2004 година, Словенија влезе во Европската унија.
Настанот беше поздравен со еуфорија: Словенцитена референдумот за придружување, ја поддржаа Европа со 90 отсто, а после само три години во Унијата го воведоа еврото и влегоа во Шенген зоната. Денес, поддршката за Европа е малку помала, но самите бројки најдобро опишуваат колку Словенците профитираа од влезот во ЕУ.
Словенија, во не толку дамнешната 2004 година, имаше еден милион и 990 илјади жители. Денес тие имаат два милиона и 70 илјади, што е во целосна спротивност на демографската катастрофа низ која минувааат Хрватска и другите земји од поранешна Југославија.
Просечниот Словенец пред 15 години можел да доживее 73,5 години, додека денес просечниот маж во таа земја живее до 78 години, или четири и пол години повеќе. Во исто време, животот на просечна жена се зголеми за две и пол години, од 81 до 83,5 години. Бројот на деца во детските градинки се зголеми од 54.800 на дури 86.700, додека процентот на деца кои одат во градинките се зголеми од 61 на 80.4 проценти.
Во земја кадешто во просек се живее над 80 години и каде бројот на деца во градинките расте, значи, не би требало да биде лошо, барем колку што се однесува на економските и демографските индикатори. Тоа го потврдуваат и другите бројки. Од 2004 до денес, бројот на приклучоци на градската канализација се зголеми од 171.000 на 268.000, бројот на културни настани годишно се зголеми од 12.000 на 22.000, а бројот на посетители на културни настани се зголеми од 2,6 на 4,3 милиони.
Пред да влезат во Европската унија, Словенците на заштита на животната средина трошеја околу 0,9 отсто од БДП, а сега за екологија издвојуваат 1,24 проценти од значително поголемиот БДП. Од 2004 година наваму, словенечкиот БДП се зголеми од 27 на 46 милијарди евра или 70 проценти. Во исто време, БДП по глава на жител се зголеми за 13.000, на речиси 23.000 евра.
Во исто време, просечната плата за Словенците се зголеми за повеќе од 40 отсто, од 700 на 1092 евра, а бројот на стартап компании се зголеми од девет на 18.600. Најмногу од сè, тие можат да се пофалат со силен раст на извозот.
Во 2004 година, Словенија имаше годишен извоз во вредност од 12 милијарди евра, а минатата година испорача стоки и услуги во вредност од 30 милијарди евра. Се разбира, поради отворањето на границите и зголемениот промет, се зголеми и увозот, кој минатата година изнесуваше 30 милијарди евра.
За половина помала земја, со напола помалку население, која речиси воопшто не се потпира на туризмот, оствари двојно поголем извоз од Хрватска минатата година: 30 спроти 15 милијарди евра. На Словенците им оди на рака и тоа што голем број моќни компании добро го искористија отворањето на границите со Европа. Најголемите словенечки компании се и најголемите извозници: Крка, Петрол, Лука Копер, Горење, Триглав, Сава и Интеревропа се само некои од перјаницата на тамошното добро спастрено стопанство, што го препознаа и странските инвеститори, како што е Рено, кој производството на моделот Клио го довери на фабриката Ревоз, кај Ново Место.
Од сите земји од поранешна Југославија, Словенија отиде најдалеку во развојот и прва ќе го достигне стандардот на старата, развиена Европа, и покрај повремени кризи кои и нив не ги заобиколуваат но Словенците поефикасно ги решаваат. Како што стојат работите, Хрватска, која пет години е во Европската унија, ќе ја стаса Словенија за десет години, но тие тогаш ќе бидат толку далеку што веќе ниту еден виц за Словенците нема да биде смешен.