Колемишевски, Наумовска и Мехмедовиќ се нови заменици министри

601

Кирил Колемишевски, Елизабета Наумовска и Неџад Мехмедовиќ се нови заменици министри во Владата откако пратениците гласаа попладнево на седница која почна вчера.

Во ресорот економија за заменик-министер е избран Колемишевски со 62 пратенички гласа „за“, 13 против и без воздражни. Наумовска ќе биде заменик во Министерството за образование и наука и е изгласана со 63 „за“, 15 против и без воздражни, а Мехмедовиќ, кој ќе биде заменик-министер во новото Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците, доби 61 глас „за“, 13 не го поддржаа и немаше воздржани.

Во расправата попладнево опозициските пратеници немаа забелешки за биографиите на предложените за заменици, но сметаат дека го немаат потребното искуство за ресорите во кои ќе бидат одговорни. Не ги критикуваа персоналните решенија, но беа остри во критиките за секторите во кои се назначуваат – образование и економија.

За образованието опозициските од ВМРО-ДПМНЕ како аргумент го имаа отвореното писмо-оставка  на претходниот заменик Петар Атанасов кој кога се повлече од функцијата  во јуни наведе дека не се остваруваат планираните реформи во образованието. Во реплика премиерот Зоран Заев, како и пред три месеци, повтори дека Атанасов дал оставка зашто не му била исполнета желбата да биде назначен за министер.

На обвинувањата за ниските плати на наставниците и најавата на СОНК за штрајк, Заев одговори дека со зголемувањето од 5 отсто лани и нови 5 проценти од овој септември, платите им се зголемени повеќе отколку во претходните 11 години во времето на ВМРО-ДПМНЕ. Рече дека стои на располагање за разговори со синдикатот и дека го почитува правото на штрајк, но апелираше наставниците да не ги разочаруваат учениците на првиот училишен ден.

– Во 2017 затекнавме 20.500 денари плата. Потоа таа стигна 21.600  со покачување и сега со ова зголемување ќе биде 22.800 денари. Продолжуваме и натаму да изнаоѓаме ресурси за зголемување на платите. Сè што можеме ќе направивме. Можевме наместо да плаќаме огромни долгови што ги наследивме, да делиме повисоки плати – рече Заев.

Премиерот кажа дека се зголемуваат и платите во јавната администрација, се спроведуваат политики во корист на земјоделците,  стопанството, социјалната заштита… На опозицијата и одговори дека дрматичното во државата за кое таа го обвинува е тоа што, како што рече, по 11 години веќе две години ВМРО-ДПМНЕ не е на власт.

– Сега се вработени 2 100 луѓе со самовработување, минатата година 1 200, 250 домашни компании се помагаат секоја година, 70 до 80 милиони евра  се тртошат пари од буџетот за поддршка на домашните и на странските инвестиции. Близу 300 проценти  е зголемена социјалната помош, зголемени се приходите за специјалистите во здравството, растат платите за десет отсто во просек, 30 милиони евра индивидуалните земјоделски производители добиваат повеќе пари…Наоѓаме решенија и за лозарите, не само за годишните проблеми, туку и за она што заостанало во 2014, 2015 и 2016. Сето тоа е исплатено. Исплатени им се субвенциите, и побарувачката од стечаи, и долговите  од фирмите им се исплатени, а овие денови ќе го добијат и денарот  што им го ветивме како наша супституција – рече Заев.

Пратеникот Зекир Рамчиловиќ го  поздрави предлогот во новото Министерство за политички систем за заменик да биде Бошњак како припадник на малобројната етничка заедница но, пред се, рече компетентен за местото за кое се предлага.

Премиерот Заев одговори дека тоа е доказ дека се обидуваат да го градат концептот едно општестево за сите за кое се залага Владата.

-За мене тоа е императив, за кој често сум бил подготвен да губам и политички поени. Рамковниот договор ги заврши своите правно-формални аспекти, но не го заврши духот на рамномерната застапеност и сите да бидат вградени, како што личи во оваа наша мултиетничка земја – додаде Заев.

Седницата заврши со изгласувањето на вицегувернерот на Народната банка на Република Северна Македонија. Фадил Бајрами е избран без расправа и со  76 пратенички глаасови „за“ и еден против.

На седницата претходно денеска беа избрани и двајца нови министри – Нина Ангеловска за финансии и Хисен Џамаили за министер без ресор задолжен за подобрување на инвестициската клима.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...