Претседателот на Граѓанско Демократската Унија, Петар Колев, денеска се обрати пред учесниците на Самитот на Европските конзервативци и реформатори што се одржува во Рим.
– Иако доаѓам од Македонија која сѐ уште не е дел од ЕУ, ве уверувам дека македонските граѓани се перцепираат себеси како нераскинлив дел од богатиот културен и политички европски простор. За нас е важно да го развиваме нашето општество на принципите кои ги валоризираат индивидуалните човекови права како фундамент врз кои почива и се развива секое демократско општество. Македонија минува низ исклучителен период од својот развој, полноправното зачленување во НАТО е во тек, а ни претстојат сериозни реформи на патот до ЕУ. Од името на македонските граѓани изразувам благодарност за досегашната поддршка, а од мое име за привилегијата да ви се обратам денеска – изјави Петар Колев, претседателот на Граѓанско Демократска Унија- ГДУ.
Од партијата велат дека во оваа пригода бил потпишан меморандум за соработка со Јан Захрадил, претседателот на АКРЕ и кандидат за претседател на Европската Комисија.