Компаниите „Кока Кола“ и „Пепси Ко“ потврдија дека ја напуштаат американската Асоцијација на производители на пластика, првата веќе излезе од асоцијацијата, на втората членството ѝ завршува до крајот на годината.
Според „Си-Ен-Ен“, членство во такви асоцијации е лошо за репутацијата на производителите на освежителни пијалаци бидејќи и самите компании во повеќе наврати досега изразуваа загриженост од загадувањето со пластична амбалажа.
Се укажува дека компаниите работат на тоа да користат колку што е можно повеќе вторични суровини во производството на пластични шишиња и да го преработуваат пакувањето на своите производи.
Од асоцијацијата наведуваат дека компаниите донеле решение под притисок на борците за заштита на природната средина како „Гринпис“. Џон Хосвар, претставник на организацијата, смета дека компаниите му штетат на својот имиџ кога настапуваат со изјави за еколошки проблеми и напоредно се членови на асоцијација која лобира во индустријата за производство на пластична амбалажа за еднократна употреба.
Во 2017 година „Кока Кола“ произвела 3,3 милиони тони пластика. Компанијата има за цел до 2030 година да ги преработува сите нејзини пластични шишиња и лименки, додека барем половина од произведените да доаѓаат од вторични суровини.
„Пепси Ко“ не даде информација за количините на произведена пластика, но презема мерки за кратење на количините на пластична амбалажа. На пример, водата „Аквафина“ ќе се продава само во лименки, кои полесно се преработуваат.
Борбата со загадување од пластика во некои земји е државен приоритет. Употребата на пластични кеси е веќе забранета во некои сојузни држави на САД како Калифорнија и Хаваи, но и во Њујорк и други големи градови, во други пак постојат стриктни закони за нивно рециклирање. Пластичните кеси се забранети и во неколку европски земји. Во многу земји постои забрана рестораните да даваат пластични цевчиња без барање на клиентите.