Кои се новите осомничени во „Рекет“ со Боки 13 и со Ременски?

Дека имало интерес за спогодба денеска потврди и републичкиот обвинител Љубомир Јовески, но, како што рече, до овој момент такво нешто не е постигнато.

6953

Покрај Бојан Јовановски – Боки 13, пратеничката и потпретседателка на Собранието, Фросина Ременски, Јасна Мандиќ заменик-претседател на Меѓународниот сојуз, останатите двајца осомничени во новата истрага за аферата „Рекет“, според неофицијални информации, се таткото на Боки 13, Миле Јовановски и една асистентка.

Кога обвинителството вршеше претреси во јули, беше запленет и лаптопот на асистентката.

Во новата истрага, Боки 13 е осомничен за делата измама и перење пари. Останатите четворица се осомничени за помагање во делото измама, а тројца од нив и за помагање во перење пари.

За измама како правен субјект се гони и Меѓународниот сојуз за делото измама.

Според доказите на обвинителството, Боки 13 искористувајќи документи од Сојузот  измамил двајца управители на две градежни фирми.

„Тој, лажно прикажувајќи дека ќе обезбеди државно неизградено земјиште за изградба на центар за возрасни лица и мобилен сервис, а потоа и субвенционирање од страна на државата, од оштетените преку авторска агенција успеал да добие парични средства од 719.905 евра од едното правно лице и 233.821 евра од другото. Останатите осомничени лица со умисла му помагале на првоосомничениот во извршувањето на кривичните дела изготвувајќи договори, подигнувајќи ги уплатените средства и уплаќајќи средства на други правни лица по основ на позајмица или донација“, соопштија од обвинителството.

Ременски, пак, одела на состаноците што ги организирал Боки 13 и според обвинителството, бил искористуван нејзиниот нејзиниот углед и авторитет, па измамените стекнале впечаток дека зад понудените проекти стои извршната власт.

Боки 13 веќе се наоѓа во притвор во рамки на првата истрага, а обвинителството ќе бара уште едно лице од новите осомничени да заврши во Шутка. Како што веќе објавивме, неофицијално станува збор за Јасна Мандиќ.

За другите ќе се бараат поблаги мерки.

До овој момент, според нашите информации, пред судија на претходна постапка сѐ уште не е изведено ниту едно лице. Откако ќе бидат сослушани, од Основниот кривичен суд треба да одлучат дали ќе им определат мерки како што бара обвинителството.

Паралелно, во аферата „Рекет“ утре ќе се поднесе и обвинение за првата истрага која се однесува на рекетирањето пари од Орце Камчев како осомничен во случајот „Империја“ на СЈО. Во овој случај, со Боки 13 осомничени се и Зоран Милески – Кичеец и Катица Јанева.

Во јавноста извесен период кружат шпекулации дека некој од инволвираните во целата афера ќе се спогоди со Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција. Дека имало интерес за спогодба денеска потврди и републичкиот обвинител Љубомир Јовески, но, како што рече, до овој момент такво нешто не е постигнато.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...