Неизвесно е дали на општите болници во Кочани и во Кавадарци, но и на некои други во јавното здравство, ќе им биде ставен клуч на врата поради недоволната искористеност или ќе бидат „позајмени“ за моделот јавно приватно партнерство и можеби пренаменети за други здравствени услуги на пациентите. Тоа во јуни ќе треба да го покаже физибилити студијата чие изработување е во тек.
Министерот за здравство, Венко Филипче, денеска појасни дека студијата треба да покаже која е ефикасноста на овие установи во јавното здравство, а по сѐ почестите најави за воведување на моделот јавно-приватно партнерство во јавното здравство.
– Оваа Влада е силно посветена јавното здравство да оди напред, но нема да инвестираме таму каде што нема ефикасност! Се вложува многу во јавно-здравствениот систем, но тој е неефикасен. Затоа ги разгледуваме моделите на јавно-приватно партнерство. А стравувањата на Синдикатот на Клинички се неоправдани, нема опасност вработените да останат без своите работни места. Напротив, ќе примаме луѓе – одговори Филипче во врска со тоа дали оваа Влада планира да го уништи јавното здравство, по најавите дека сѐ што таму не функционира, ќе се затвори.
Филипче појаснува дека и доколку во дел од здравството биде воведен новиот модел, тоа нема да значи и поскапи здравствени услуги за пациентите.
– Нема опасност да се зголеми трошокот кој граѓаните ќе го плаќаат за услугите во здравството. Но треба да се ослободиме од непотребните трошоци во кои функционираат болниците. Ние може да купуваме здравствени услуги и тоа дава најдобри резултати. Но има болници кои работат со мал капацитет, на пример, во Кочани и во Кавадарци само 1 отсто од болничките легла се искористени. Имаме систем со огромни болници чии капацитети не се искористени, плаќаме за трошоците што ги прават овие установи, а пациентите се упатуваат за лекување во најблиските центри – нагласи Филипче.
Тој додаде дека до почетокот на јуни ќе бидат изготвени физибилити студиите кои ќе покажат каде сѐ во јавното здравство би можел да се примени моделот на јавно приватно партнерство за да добиеме поефикасно здравство.