За Договорот од Преспа како меѓународен модел за решавање на билатералните спорови и за перспективите и можностите што ги отвора на економски план, говореше меѓу другото грчкиот премиер Алексис Ципрас на третиот „Thessaloniki summit“, јави дописничката на МИА од Атина.
– Договорот од Преспа, според мое мислење, може да биде меѓународен модел за решавање на разликите на заемно прифатлив начин. Еден модел за многу измачениот регион на Балканот. Тоа е договор што ја истакнува Грција, што ги заштитува нејзините интереси и права, без да се крие, туку ја гледа вo очи иднината и можностите што ги има пред неа – рече Ципрас.
Грчкиот премиер се задржа на можностите што Договорот од Преспа ги отвара во однос на економијата.
– На пример одлуката што набргу ќе ја донесеме и ќе можеме да ја донесеме веднаш по ратификацијата на договорот од грчкиот Парламент, а се однесува на железничко поврзување на Атина, односно Пиреа – Солун – Скопје – Белград, еден модерен и брз воз што ќе пренесува стоки, но и граѓани. Многу важен проект за регионот. Исто така и проектите што ќе се реализираат врз база на мерките за градење доверба. Одлуката на ЕБРД e да финансира прекугранични инфраструктурни проекти и поврзување за да се поддржи Договорот од Преспа и да се финансираат овие проектa – рече грчкиот премиер во неговото обраќање на самитот.
Во организација на Федерацијата на индустрии од Северна Грција, од вчера, во Солун започна третиот „Thessaloniki summit“ кој оваа година е под наслов „Европската перспектива, поврзаноста, индустрискиот развој и соработката на Западен Балкан“.
ФОТО: EPA-EFE / NIKOS ARVANITIVIS