Сите информирани луѓе во скопската чаршија знаат, веќе со децении, дека за пропаста на Дебар Маало, Буњаковец, Македоња Вечна, а веројатно и за климатските промени на родната ни планета, е виновна мојата дребност. Оваа гранитна вистина потекнува од извор што никој не може да го побие: од вмровските црни пропаганди што повеќе од две децении ги замиваат мозоците на нивните пациенти, како санитарна вода во јавно веце…
За одржување на оваа „јавна хигиена“ една од експозитурите на ВМРО – одборот за спас на Дебар Маало – деновиве одржа црна миса во јавноста, со евоцирање на настанот што го уништи несреќното маало и укажување на главните виновници за злосторот: донесувањето на деталниот урбанистички план 1999 година и мојата дребност, што во тоа време беше градоначалник на Општина Центар и предлагач на планот. Како и сите гранитни вистини што прераснуваат во урбан мит, а потоа во црна вмровска религија, и оваа трпи од една суштествена, иако ситничарска и сосем небитна фалинка: дека се темели на чиста лага, што – доколку сака – може да ја провери и секое единаесетгодишно дете.
Имоти за станови
Но, да видиме, што навистина му се случи на маалото? Она што и на целата татковина: веднаш по преодот во капитализам во 1991, градењето стана предмет на интерес на приватниот капитал, а законите и урбанистичките планови во неконтролираната транзиција станаа „застарени“, „неупотребливи“ и „неприлагодени“ на новите околности. Бидејќи урбанистичкиот план за Буњаковец и Дебар Маало датираше од 1961 и 1962 година, со ревизија во 1981, Министерството за урбанизам и градежништво (кое ги презема надлежностите на локалната самоуправа за издавање дозволи за градење уште во 1990), почна преку своите подрачни единици во општините да одлучува за секое поединечно барање за градење, без да се почитуваат одредбите од „застарените“ планови.
Така и дебармаалчани, уште од 1990, ги продаваа своите имоти за станови во новоизградените згради, без план, во директни договори со инвеститорите и со подрачните единици на централната власт. Општината во таа работа немаше никаква надлежност – ниту издаваше одобренија за градење, а ниту пак имаше инспекции – та оваа непланска изградба траеше сè до донесувањето на четирите детални урбанистички планови – Дебар Маало 1 и 2 и Буњаковец 1 и 2, што се донесени во периодот од 2002 до 2004 година, години откога мојата дребност ја напушти функцијата! Со овие планови, меѓутоа, ситуацијата уште повеќе се влоши, зашто тие повеќепати се менуваа, сè до 2012, секогаш зголемувајќи ја површината и катноста за градење! Кој ги донесе и кој ги спроведуваше? Се разбира: вмровските градоначалници Аларова и Тодоровиќ, заедно со вмровската алијанса за спас на Дебар Маало и нејзината армија „замивани мозоци“ или чипирани идиоти, како што нагалено ги нарекува Тричко.
Чекај, чекај, професоре, ќе речете почитувани читатели, а каде е вашиот озлогласен ДУП од 1999, за кој секој добро информиран човек во чаршијава ќе ви рече дека е главниот виновник за страдањето на маалото? Ќе ви одговорам кусо: ДУП ЗА ДЕБАР МААЛО ОД 1999 НЕ ПОСТОИ, И НИТУ ПОСТОЕЛ, ЗАШТО НИКОГАШ И НЕ БИЛ ДОНЕСЕН! Да, признавам, како градоначалник го нарачав итното планирање на Дебар Маало и Буњаковец, уште во 1997 година, зашто маалото стануваше градски срам со рептилското градење во кое единствениот принцип беше „квадрат повеќе“. Во изработката на планот учествував и со своето знаење и совети, и успеав, по серија анкети, јавни презентации и дискусии, да го дотуркам до гласање во Советот на Општина Центар. Планот беше изгласан, НО НЕ ДОБИ СОГЛАСНОСТ ОД ВЛАДАТА НА ВМРО, ПОРАДИ ШТО НЕ СТАПИ НА СИЛА НИТУ ЕДЕН ДЕН, И СОГЛАСНО ЗАКОНОТ, СЕ СМЕТАШЕ ДЕКА НЕ Е НИ ДОНЕСЕН!
Не сум издал ниедно одобрение
Две прашања се интересни по оваа куса хронологија: прво, зошто ВМРО изврши абортус на еден во секоја смисла стручен, законит и демократски план и, второ, во светло на овие факти, каква е вистинската врска на мојата дребност со изградбата на Дебар Маало сиве овие години? Да одиме по ред. ВМРО го поништи планот од 1999 и пред да стапи на сила, зашто беше вознемирен од демократските решенија во него, зашто тој план ги затвораше сите нивни коруптивни зделки, во кои даваа одобренија за градење од око и според нивна бизнис-процена. Нив ги ужасна фактот што во планот се ограничуваше градбата за сите еднакво, исто како што рамномерно и изедначено се овозможуваше просторен развој, што беше смртоносно за нивниот коруптивен бизнис!
На второто прашање одговорот е уште полесен: јас не сум издал ниту едно одобрение за градба, ниту сум донел некаков план за Дебар Маало, а ниту пак сум бил во состојба на каков и да е начин да влијаам врз деталните урбанистички планови што отпосле ги донеле градоначалниците Аларова и Тодоровиќ! ЈАСНО?!
Но, зошто е оваа хроника на бесрамни лаги на вмровските одбори за спас на Македоња Вечна важна и ден-денес? Затоа што на ист начин како што ја прикриваа коруптивната изградба од 1990 до 2016 и донесувањето на ужасните планови за Дебар Маало од 2002 до 2012 – дефокусирајќи ја јавноста со непостојниот план од 1999 и лажно обвинувајќи ја мојата дребност – тие молчеа и за криминалното менување на законите и за ограбувањето на јавниот простор и македонската земја, за целото време на вмровското мафиократско владеење!
А, денес, повторно го креваат гласот против реформските закони за планирање и градење што требаат да донесат правда и поредок во земјава!? Кога ќе запре кретенизирањето на Македоња Норд?