Кога ќе ги видиме ветените системски промени во здравството?

Со зголемените надоместоци за дежурства и за ноќен труд може да се купи малку мир за кратко време, но тоа сепак не е вистинскиот лек за кризата во нашето здравство.

1648

Одлуката на Министерството за здравство да се зголемат надоместоците за дежурствата и за ноќниот труд на лекарите, медицинските сестри, транспортерите, гипсерите и на протетичарите, од мартовската плата, е добра вест. Медицинскиот кадар во земјава не е доволно платен и оваа мерка е за поздравување.

Но, не треба да се залажуваме – нашето здравство пати од длабока, системска криза, за чие решавање се потребни коренити реформи. Иако се ретки тие што можат да се пофалат дека ги знаат генезата и вистинската природа на проблемите, сите ние што ги посетуваме амбулантите и клиниките кризата ја препознаваме и ја чувствуваме буквално на секој чекор.

Погледнете ги реакциите на социјалните мрежи и во медиумите. Тие се доказ дека квалитетот на здравствените услуги во Македонија драстично опаѓа, медицинскиот кадар опасно се осипува, а касата на Фондот за здравство тешко се полни. Вредните, амбициозни и посветени лекари – да, има и такви! – се очајни, бидејќи врз нивниот грб, всушност, се прекршуваат најтешките проблеми.

Знам, маките не се вчерашни. Можеби сега, во „слободијава“, тие само станаа повидливи, како што ме убедува еден мој пријател. Во право е. Но тоа сознание, сепак, не менува ништо битно. За жал или за среќа (кој како милува), ние сега не можеме да ги повикаме поранешните министри и премиери да се справуваат со наследството што го оставија.

Уште малку, па ќе мине првата година од мандатот на Владата, која веќе и не смееме да ја нарекуваме нова. По правило, секоја влада во првата година од мандатот се консолидира, во последната мисли само на следните избори, додека во средните две години реално владее и го испорачува ветеното.

Значи, кај и да е, време е ветените системски промени во здравството да ги видиме на дело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...